E - Информатор

Претседател

БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ

Претседател на СДСМ


Лични податоци:

Роден е на 12 октомври 1962 година во Сараево, Босна и Херцеговина. Неговото семејство се враќа во Скопје во 1963 година. Оженет e со сопругата Јасмина, со која имаат две деца, Љупчо и Марија.

Образование:

Основно и средно образование завршува во Скопје. Во 1980 година се запишал на Електротехничкиот факултет во Скопје, отсек за информатичка технологија и автоматика. Факултетот го завршува во 1985 година.

Зборува течно англиски јазик.

Партиска кариера:

Во 1990 година станува член на Претседателството на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). На првите парламентарни избори во 1990 е шеф на Изборниот штаб на СДСМ.

Во април 1991 година Црвенковски е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Изборот се случи на Првиот конгрес на партијата во 1991 година. Беше реизбран во 1995, 1999 и 2003 година при што Црвенковски раководеше со Социјалдемократскиот сојуз од 1991 до 2004 година кога беше избран за претседател на Република Македонија.

Пет години подоцна, по завршувањето на претседателскиот мандат, на IX-тиот конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија одржан на 24 Мај 2009 година, Бранко Црвенковски повторно е избран за претседател на партијата.

Политичка кариера:

Активната политичка кариера на Бранко Црвенковски започнува во 1990 година, кога станува член на претседателството на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). На првите парламентарни избори во 1990 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. Бранко Црвенковски е првиот претседател на Kомисијата за надворешна политика на Собранието.

Како пратеник во првиот состав на македонскиот парламент Црвенковски беше потписник на иницијативата за распишување референдум за независна Македонија.

Во 1992 година, по изгласувањето недоверба на првата експертска влада на премиерот Никола Кљусев, Бранко Црвенковски стана претседател на Владата на Република Македонија.

Со само 29 години тој беше најмладиот шеф на влада во Европа. Како премиер и политичар, Бранко Црвенковски прв ја промовираше идејата за учество на партиите на Албанците во Владата на Република Македонија. Тој успеа да формира широка коалиција со Либералната партија, Социјалистичката партија и Партијата за демократски просперитет, во која членуваа само Албанци.

По прогласувањето на независноста, Република Македонија се најде во тешка економска и политичка ситуација, со висока стапка на инфлација, значителен социјален притисок и недоволна меѓународна поддршка. Владината коалиција успеа да ја стабилизира економијата и да го почне процесот на приватизација.

Првиот мандат на Црвенковски како премиер беше нецелосен и траеше до 1994 година кога се одржаа вторите парламентарни избори.

На изборите во 1994 година СДСМ оствари победа со освојување на 59 од вкупно 120 пратенички места. Тоа беше втор мандат за СДСМ во коалиција со Либералната партија, Партијата за демократски просперитет и Социјалистичката партија. Тогаш Црвенковски како лидер на Социјалдемократскиот сојуз, кој беше на чело на коалицијата што ја однесе победата, повторно ја доби довербата да ја предводи Владата.

Во периодот 1994-1998 Македонија успеа да стане член на повеќе меѓународни организации, како што се: Организацијата на Обединетите нации (ООН), ОБСЕ и Советот на Европа. Потпиша и договори со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка. Промовираше демократија, спроведуваше значајни економски реформи и привлече странски инвестиции. Првите чекори во евроатлантското интегрирање на Македонија беа направени во овој период: Македонија стана членка на Партнерството за мир на НАТО, а беа потпишани и СОФА- договорот и Договорот за економска и трговска соработка со Европската унија.

По поразот на парламентарните избори во 1998 година Бранко Црвенковски повторно се враќа во парламентарните клупи, но овој пат како шеф на опозицијата. Поради познатите настани од воениот конфликт во 2001 година, Социјалдемократскиот сојуз се приклучи кон Владата на политичко единство, која беше формирана со цел да запре кризата во земјата.

Црвенковски, заедно со тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски и со лидерите на Партијата за демократски просперитет, Имер Имери, и на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери, како и со претседателот Борис Трајковски, се потписници на Рамковниот договор.

На парламентарните избори во 2002 година СДСМ повторно ја освојува власта заедно со партнерите од коалицијата „За Македонија заедно“, при што неговите социјалдемократи заедно со политичките сојузници од коалицијата освоија 60 од вкупно 120 пратенички места во парламентот, а Бранко Црвенковски повторно стана претседател на Владата на Република Македонија.

Во неговиот премиерски мандат Црвенковски како претседател на Владата ја поднесе апликацијата за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија.

На 12 мај 2004 година, по изборот од страна на граѓаните на претседателските избори, Бранко Црвенковски стапува на највисоката должност во државата, претседател на Република Македонија.

За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја-кандидат за прием во Европската унија.

Контакт:

Тел: +389 2 3293101
Факс: +389 2 3293111
Mail: president@sdsm.org.mk
Адреса: Бихаќка 8, 1000 Скопје
Република Македонија



СДСМ