mchi

Најнови вести

Заев: Прво здравје и безбедни граѓани, после сѐ друго - ќе се издигнеме сплотени во маката

dbi

16.03.2020

Прес-конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев поврзана со новите случување со корона вирусот

Северна Македонија, регионот, Европа и голем дел од светот се соочуваат со најголемиот здравствен предизвик во поновата светска историја. 

Со право, на глобално ниво се преземаат сериозни и досега незабележани здравствени и превентивни и санациски мерки за справување со оваа сериозна криза. Се бара крајна внимателност од сите. И од граѓаните и од институциите и од бизнис секторот и од политичарите.

Северна Македонија е меѓу ретките во регионот, која преку Владата, преку институциите презема целосно навремени, одговорни и ефикасни мерки за справување со вирусот Ковид-19 познат како Корона, како и за спречување на ширењето на заразата. 

Затоа, во оваа прилика, изразувам јавна благодарност и високо ниво на почит и признание до сите здравствени работници, до сите полициски службеници, до сите припадници на армијата, до сите кои ги водат јавните комуникации и до секој службеник кој учествува во реализација на акциите кои ги преземаат институциите. Благодарност и до вас новинарите за навременото, отчетно и отворено известување до македонската јавност.  
Сите вие сте на висина на задачата – секоја чест!

Наша задача е, како граѓани, целосно и строго да ги почитуваме мерките! 

Шопинг моловите, угостителските објекти, казината, обложувалниците се затворени. Забранет е влез на лица кои доаѓаат од држави со висок или среден ризик од корона, затворени се гранични премини со сите соседни држави освен 5-те најголеми, Табановце, Блаце, Деве Баир, Богородица и Ќафасан. Затворен е аеродромот во Охрид.

Уште претходно беа затворени се сите градинки, основни и средни училишта, факултети и универзитети, затворени се спортските објекти како вежбални, базени, фитнес центри, спортски сали и стадиони. Забранети се сите јавни или приватни масовни собири.

Ризичните групи се ослободени од работни обврски, а ослободен е и еден родител на дете до 10 годишна возраст кои посетуваат градинка или училиште. Ако е потребно, а веројатно ќе биде потребно, мерките ќе се заоструваат!

Почитувани,

Треба да имаме на ум дека се справувавме со нов и непредвидлив вирус, каде потенцијална жртва е секој од нас.

Се трудиме максимално сите ситуацијата и натаму да биде и да се држи под контрола. Да нема нови жаришта, да не броиме жртви туку излекувани. Сликите од нашите градови, од нашата татковина да не бидат исти како сликите од Вухан, од Кина, како сликите од северна Италија.

Но, за да се случи тоа, потребна е максимална посветеност, максимална ангажираност од секој еден од нас. Да продолжиме како и досега да се однесуваме одговорно и зрело, затоа што се работи за нашето здравје, за здравјето на нашите најблиски.

Да не подлегнуваме на дезинформации и на лажни вести кои шират паника. Да се информираме исклучиво преку институциите и медиумите кои ги пренесуваат официјалните информации на институциите.

Затоа што здравјето и безбедноста на граѓаните немаат и никогаш нема да имаат цена.

Затоа почитувани граѓани, во вакви услови, повеќе од јасно е дека условите не дозволуваат нормално спроведување на изборите. Наместо во организација на изборите, сега е време секој еден ресурс и човечки и институционален и политички да се стави во функција на заштита на граѓаните и борба со вирусот.

Затоа, денеска јас во име на СДСМ чиј претседател сум, повикувам да се организира лидерска средба на претседателите на политичките партии на која ќе се разговара за одложување на изборите.

Со овој став, нашите претставници ќе одат и на Советот за безбедност кај Претседателот Стево Пендаровски и ќе го предложат како приоритетна точка. Прво здравје и безбедни граѓани, после се друго – после и избори.

Воедно, сакам да ги известам граѓаните и особено бизнис секторот дека помагам интензивно во дефинирање на економските мерки. Нашите министри, целата влада, економските експерти, дефинираме серија конкретни економски мерки со кои ќе се санираат последиците – тие ќе бидат објавени многу скоро.

Почитувани,

Сега не е време за политички противници. Сега имаме само еден противник - вирусот корона. Сега не е време за политички и лични рејтинизи. Денес, само еден рејтинг е важен. Процентот на заболени да биде што помал, а процентот на излекувани да биде целосен. Тоа е важно денеска и во периодот што следува.

Време е. Време е граѓаните да видат обединети и сложни политичари во одбрана на она што ни е најважно - здравјето наше и здравјето на сите околу нас.

И верувам дека можеме да успееме. Ќе успееме затоа што секогаш сме биле сплотени во маката, сме си биле потребни едни на други. И така ќе биде и овој пат.

Сплотени во маката ќе се издигнеме и ќе бидеме сплотени во радоста кога оваа закана ќе ја оставиме зад себе.

Ви посакувам добро здравје и продолжете, одговорно, зрело и совесно. Да продолжиме да ги следиме мерките, да се заштитиме себеси, да ги заштитиме и оние до нас.

Огласи/конкурси

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени

меѓународни извештаи

Постојат многу варијации на пасуси од Lorem Ipsum, меѓутоа повеќето претрпеле одредени промени