Опозицијата е коректор, а не непријател на власта

by urednik 24.01.2010 08:21:00

Живееме во време кога медиумите се преплавени со теми иницирани од власта што треба да ни ја заменат реалноста, опис на просперитет и добра иднина, но вистинската состојба ни оддалеку не е така розова. Сепак, деновиве слушнав една интересна вест која сакам да ја поздравам. Имено, станува збор за најавата на лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски за создавање на широк опозициски фронт. Навистина се надевам дека со овој чекор СДСМ ќе успее да формира конкурент на актуелната власт, да влијае на мислењето и однесувањето на власта кон државата и кон народот, да отвори некаква поинаква перспектива.

Нема здрава демократија без јасна и силна опозиција. Тоа и е потребно и на Македонија за да може да функционира како вистинско демократско општество. Затоа и најдемократските земји во светот секогаш имаат баланс на политичките партии и слободни и непартиски медиуми кои ги одржуваат силите во рамнотежа, да бидат изедначени и да се следат во чекор. ВМРО-ДПМНЕ, веќе станува јасно дека од доаѓањето на власт во 2006 година, па досега, форсира партизација на државата од огромни размери, која најголем дел од својата победа ја базира врз патриотизмот, популизмот и нетранспарентното трошење пари, по цена на прогресот и на целосна манипулација на народот, а со тоа и добива углед на недемократска партија. Силна опозиција е одлична работа за државата и за граѓаните, а ја држи и власта на штрек да не се олабави премногу.

Искрено, како граѓанин што гласаше за ВМРО-ДПМНЕ на минатите избори, да ја слушнев веста за консолидација на опозицијата пред некоја година и немаше вака да се израдувам, но од ден во ден сум се поубеден во тоа дека политиката на владава е лоша за нашава држава. Откако ги донесовме на власт, Груевски и неговата гарнитура се однесуваа како ослободители на народот, а денес веќе се покажува и како автократски владетел кој ужива во апсолутистичката власт. Ни ветуваа ЕУ и НАТО, ни ветуваа преродба, економски бум, вработувања, излез од бедата а ние им верувавме. . . Каде се резултатите? За каков економски бум зборувавте кога денес народов леб нема да јаде? Мислев дека гласам за партија што ќе не однесе во НАТО и ЕУ, а не за партија што ќе не испокара со пола свет и ќе ги замре какви - тактиве дипломатски односи. Ви дадовме целосна поддршка каква што немала ниту една партија до сега, а за возврат не направивте заложници на една лоша и дефинитивно антимакедонска политика.

Мислам дека тоа е она што во моментов и треба на Македонија, обединета опозиција која ќе има капацитет да биде коректор на власта и движечка сила во градењето на демократскиот капацитет на државата. Апсолутната власт, долгорочно, е најсериозната опасност за една држава во однос на демократските процеси. Но, на секоја влада и треба силна опозиција за таа да биде чесна и да работи за доброто на народот.

Даниел Николовски

Тековно оценет 4.6 од 8 посетители

  • Currently 4,625/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags:

Друже Грујо, ми ти се кунемо!

by urednik 20.01.2010 07:15:00

Анализирајќи ја политичката култура на власта изразена преку официјалниот владин претставник за односи со јавноста, ми се потврдува впечатокот дека власта, секогаш кога е изненадена од прашања чиишто одговори ги нема однапред подготвено и не одат во прилог на “високиот рејтинг” игра на картата на “хумор и сатира” по секоја цена, потценувајќи го  интелектуалниот капацитет на македонските граѓани и сериозноста на државните институции. Прибегнувањето кон давање на сатирично обоени “хумористични изјави” од страна на владин портпарол не е ништо друго, туку одраз на недоволни капацитетот на власта доследно и неселективно да ја промовира декларативната транспарентност и да одговара на прашања што и може секогаш да и се допаѓаат.


Владиниот претставник за односи со јавноста во напливот на емоции  кога ќе му постават прашање чиишто одговор не го знае воведува еден нов принцип на комуникација во стилот “седи мадро да не бидеш модро” или “до таа лекција не сме стигнале”, што зборува за една пракса која спонтано го открива манирот на власта да негува политика на комуницирање кое сî повеќе наликува на периодот кој толку многу го критикуваат и осудуваат.
Во една од моите претходни анализи насловена како “Што остана од антикомунизмот?”, пишував за падот на комунизмот и растечкиот антикомунизмот кој многу често се употребува во денешниот политички вокабулар. Во тој текст беше ставен акцент на опасноста, жестоката антикомунистичка фразеологија да прерасне во јалова идеологија која ќе биде злоупотребена за оправдување на сопствената бруталност, идеологизација која во многу бивши социјалистички земји се покажа како добро средство за политичка пресметка со опонентите, прераснувајќи во антикомунистички биготизам и схематизам.


Антикомунизмот како идеолошки став имаше и своја продуктивна улога во првите години кога македонските граѓани решија да ја градат македонската парламентарна демократија, независноста, суверенитетот и меѓународниот кредибилитет, но тој беше втор елемент во тој процес, бидејќи првиот беше конститутивниот национализам. Во годините што следеа се направија чекори напред во раскинувањето со комунистичкото минато: отварање на тајните досиеа на службата за државна безбедност, денационализација за имотите на граѓаните, осуда на стрададателите за време на комунизмот и почест за борците за македонската кауза итн.


Завршувањето на овие процеси од една страна, и повторното враќање на антикомунизмот како  реторика и како идеолошки став на власта, по 17 години парламентарна демократија која е пример на Балканот, започнува  злоупотребата на антикомунизмот во дневно-политички цели и во дисквалификација на политичките опоненти, како мноу опасна политизација.


Како интелектуалец не ја прифаќам реториката на власта која себе си се промовира за единствен антикомунистички поборник, спремна да се справи со остатоците од комунизмот. Нема ништо лошо во обидот на власта да се претстави како ослободител од комунистите со тоа што ќе изгради меморијален центар и ќе го донесе Законот за лустрација, бидејќи проблемот е во нешто друго. Имено, во своите напори да го докаже својот антикомунистички дух, власта оди во онаа крајност за кој зборував во една од предходните анализи: се претвара во безкрупулозен политички дисквалификатор на политичките конкуренти т.н. “комунистички следбеници”; врши политичка пропаганда со цел политичките конкуренти т.н. “комунистички следбеници” да ги претстави како главни кочничари на “владините антикомунистички реформи кои национално ќе не разбудат”; го злоупотребува и манипулира со патриотското чувство на македонските граѓани, будејќи непријателско чувство во систем во кои живееле порано, за да им каже колку им било лошо и колку сега им е добро, се со цел да добие широка поддршка во својата пресметка со политичките конкуренти т.н. “комунистички следбеници”.


За волја на вистината средставата со коишто власта се справува со “комунистите” и со чувството што притоа го буди и го всадува во македонскиот граѓанин, навлегува во замките на антикомунизмот -антикомунистичкиот биготизам и схематизам- и ја потврди прочуената реченица на Васлав Хавел во периодот на лустрација дека, “полоши од комунистите се само антикомунистите”. Немам авторско право на оваа констатација, бидејќи потврда за ова добив многу поодамна во колумни на наши познати стручњаци и аналитичари, кои можеби не така јавно зборуваат за ова за кое пишувам отворено. Потврда за ова добив и од јавно искажаните зборови на еден поднат македонски адвокат (г-нот Тортевски) во емисијата “Чуму” кога кажа дека (парафразирам), “стравот завладеал помеѓу македонските граѓани… секој од секого се плашел…, само со страв може да се води држава…. и дека единствено оваа Влада добро го прави тоа.”


Луѓето што го живееле и живееле со комунизмот ќе се сетат дека основниот метод на комунистичкото владеење беше токму “сеењето страв помеѓу граѓаните”, “секој од секого да се плаши”, “масовното шпионирање”, “нокаутирање и прогон на полтичките опоненти” итн. За тие што не живееле во и со комунизмот, би им го препорачала да го погледаат не така стариот трагикомичен филм “Балкански шпиун”.


Она што сакам да го доближам како мој став во овој текст е тоа дека “антикомунистичката опсесија како средство за справување со политичките опоненти нî одвлегува од вистинските проблеми на современиот свет, наднационалните интереси и реалните потреби на граѓани изморени од идеологии”.


Свесна за тоа дека многумина нема да се сложат со горекажаното и дека, ќе добијам опозициски, во најмала рака комунистички епитет, го прифатив ризикот да го кажам својот став дека власта ја злоупотребува антикомунистичката идеологизација за дискредитација на партиската програма на својот најсериозен политички конкурент, а истовремено вршејќи пропаганда за својата политичка незаменливост и идеологизација која за жал не е вистински ВМРО-вска,
Власта во својата “антикомунистичка пропаганда” ги обвинува своите политички конкуренти дека, “нивната партија (СДСМ) како наследник на некогашната југословенска комунистичка партија не работи за интересите на Македонија и за македонската кауза”, и дека, “што поскоро мора од македонската политичка сцена да се искоренат закржлавените стари комунисти кои го кочат развојот на РМ”.


Би било добро кога ова тврдење нема свој контрапункт. Како контрапункт на ова тврдење, јас како македонски граѓанин и патриот го поставувам следното прашање: Дали власта т.е. ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја воскресне идејата за обединување на Македонија, бидејќи ако се сеќавам добро тоа е македонската кауза и идеологијата на вистинското ВМРО, за чиишто наследник се смета и именува владеачката ВМРО-ДПМНЕ?


Неблагодарно е на невлеземе во апсурдни аргументирања за тоа кој е кој, кој што и за кого работел. Во апсурдното дебатирање за апсолвирани прашање и во недостаток на политичка волја да не се будат зли духови од минатото, може да ни се случи да заскитаме по патот кој не се вика иднина.  Во секоја политичка партија постојат поединци кои со своите ставови осцилираат околу оската на партиската идеологија, па затоа парламентарната демократија познава институти и механизми за канализирање на различните мислења: независни пратеници, фракции, левичари, десничари, центристи итн. Според мене би било добро, кога власта ќе престане со својата реторика да го вперува прстото само кон политичките неистомисленици, туку малку повеќе да поработи на својата политичка култура и толеранција, чиишто основен принцип е “учество во политичкото делување на подеднакво важни субјекти кои имаат право со силината на своите аргументи и останатите политички механизми да се изборат за своите ставови и интереси”.


Сатиричните надмудрување, стихијната пропаганда и антикомунистичка идеологија од типот “гледајте што прават тие, не гледајте што правиме ние”, ќе нî доведе во состојба во која кога ќе се свртиме околу нас и ќе видиме дека ја нема научната и критичната јавност, критичните медиуми, дека политичките неистомисленици се дисквалификувани и замолчени, дека власта сî си прави сама (?) и се фали со високи рејтинзи, кога сиромашните ќе станат уште посиромашни, а богатите уште побогати,  нема да преостане ништо туку да си запеат: “Друже Грујо, ми ти се кунемо!”

Автор: Доц. д-р Фросина Т. Ременски

Тековно оценет 4.3 од 15 посетители

  • Currently 4,333334/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags:

Знаењето е сила, ама вмровската книшка е моќ

by urednik 14.01.2010 12:15:00

„Имаме сон за една поинаква Македонија, за Македонија препознатлива по нејзините квалитети и луѓе“ - квалитети што ги препознаваме кај премиерот Груевски со својата фалсификувана биографија, Васко Наумовски со своите претензии да биде професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Панде Лазаревски со станот во домот за постдипломци, со Кристина Рунчева која стана асистент на Правниот факултет додека е пратеник. „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, ама со партиска книшка.

„Македонија која знае има вештини и не сопира со образованието, имаме сон, а секој сон може да стане јаве ако се отсонува на вистинското место“ - Груевски најпосле стана магистер, а сонуваше во зградата на Владата од местото премиер, Рунчева си е асистент, а сонуваше од пратеничките клупи, Васко професор сонуваше од вицепремиерската фотелја, а Панде си рента државен стан...

Затоа “образувај се! „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ - па ако ги земеме овие луѓе за урнек, кои во моментов ни ја водат државава, испаѓа дека ги имаат погазено сите принципи во рекламниот спот за истоимената кампања. Кој кого лаже, кој ги урива сите системи на вредности (и тоа традиционални, општествени вредности)?

Замислете еден Милчо Манчевски, врвен режисер, сними спот за оваа кампања на Владата во кој говори дека во тоа време на филмската академија се запишувале само со врски, а денес имаме еклатантни примери почнувајќи од премиерот, па завршувајќи со неговите секретарки, од кои една од нив стана и асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први“. И Милчо го омаловажија со овој спот, ја срушија секоја верба во системот на вредности и на вреднувања. Хм... знаењето е сила, ама вмровската книшка е моќ, гробар на традиционалните општествени вредности и социјална сигурност во ова страшно време во нашата Македонија!

И на крај да си пресметаме дали оваа кампања влијаеше на зголемувањето на свеста на граѓаните за повисоко образование (ама не со фалсификување биографии) со: потрошени стотици илјади евра; фалсификување биографии (и тоа не кој било, туку премиерот); партиската книшка за подобар општествен, професионален статус; и уште многу други причини!

 

Димитар Мојсовски

Тековно оценет 4.7 од 13 посетители

  • Currently 4,692308/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags:

Лејт најт Влада

by urednik 11.01.2010 08:04:00

Толкава тврдоглавост сигурна сум дека во историјата на политиката се уште не е забележана. Игри по медиуми, манипулации со реклами или, накратко кажано, играње со мислењето и со убедувањето на народот. Три години вестите на сите медиуми се исти, изјава дава премиерот, а зад него како хористи застанати министри или пратеници . И секогаш хорот пее така како што диригира диригентот. Таква слика и прилика човек може само да посака. Се ќе е убаво, ама да не знаевте со време дека на секое прашање имаме и вртоглав одговор . Секој одговор се врти, сучи, никогаш конкретен или пристоен. Само лажги и празни ветувања. И кога ќе сакате навечер да се одморите од политичките манипулации по медиумите, место филм, ќе го начекате премиерот во некоја од лејт најт емисиите. Два-три часа муабети, за тоа колку се цвета во Македонија. Договорени прашања со одговори научени напамет. Секој разумен би го нарекол евтина политичка пропаганда . Уште по сомнителна станува емисијата кога ќе ја почувствувате близината со водителот, кој на премиерот му се обраќа со „Ти“! Која „интима“ се крие зад тие шоуа? На која бранова должина може да биде тоа интервју премиер на држава со новинар или водител? Веќе секој може да забележи на која релација е премиерот со медиумите. Постојаното појавување само кај точно одредени медиумски куќи за секој би станало сомнително. Плашењето од телевизиско соочување, вештото избегнување на политичка дебата на која народот ќе може реално да ги почувствува силите на едни со други, за него не доаѓа предвид. Се повеќе се чувствува дека се задушува демократичноста и на медиумите. Дури и самиот премиер ќе даде изјава дека постојат и опозициски медиуми (?!), а се гледа дека и самиот од страв не сака да оди на покани за интервјуа кај одредени телевизиски куќи како и пишани медиуми што го чекаат со години. Го сметам за несоодветно ваквото изјаснување на вториот човек во државата, кој не смее ниту да прави поделби меѓу медиумите туку, напротив, да ја покаже демократичноста и подготвеноста да одговори на сите прашања. Бегањето од одговорност не му носи поени никако, напротив, се создава само револт кај новинарите, кои, секако, нема да молчат на ваквиот однос.


Кратките известувања на телевизиите, кратките несочни одговори и кратките интервјуа за обичниот гледач повторно не значат ништо. Ние како народ не сме гласале за него за да не знаеме кој ни е ставот за многу прашања. Се докажа практиката од се што кажува премиерот, наскоро ни се остварува токму спротивното . Се уште е незамислива ситуацијата да го видиме Никола Груевски или некој висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ со некој експерт да одржи некоја емисија, па да се поделат некои мислења, да се соочи со неговите грешки или исполнувања. За него постојат само „експерти“ што вешто се кријат зад и стојат на страна само да ја водат владината пропаганда. Никогаш до сега нема ни потврдено присуство на некое дебатно шоу со некој од СДСМ, со некој професор. До кога ќе се крие премиерот од соочувањето со медиумите, и до кога ќе му должи на овој народ одговори на многу прашања, останува да видиме. Но, јасно нека слушне и нека знае дека за нас граѓаните таквото однесување е неприфатливо и крајно понижувачко.


Јасмина Петровска

Тековно оценет 4.6 од 14 посетители

  • Currently 4,571428/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags:

Вмровски чистки по општините

by urednik 05.01.2010 13:08:00

Наместо на работните места, во исчекување на новогодишните празници повеќе фамилии крајот на годината ќе го дочекаат со завршен работен однос.Тоа им се случи на вработените во општинските администрации во Делчево, Чешиново-Облешево, без притоа да добијат образложение за доделените откази.

Оставени на милост и немилост, правдата ја бараат пред општинските дворови на минус 10 степени. Градоначалниците неми и глуви за случувањата, во стилот на премиерот и на неговата партија ги избегнуваат медиумите, молчат и се кријат.

Само едно мало образложение им кажале на луѓето: имале притисоци од централниот владин штаб.

Додека се спроведува оваа тортура врз општинските чистки по клуч, најпрво ги почувствуваа оние со најниски примања и, секако, работниците во Делчево, Облешево... паралелно со систематизацијата се ослободуваа од луѓе што не биле и не се од владејачката партија, а во меѓувреме се примаат кадри од истата партија.

Најтрагично е тоа што меѓу избрканите има лица и со работен стаж од над три децении.

Ги запрашал ли некој овие луѓе за нивната егзистенција? Како ќе ги обезбедат основните животни потреби, сега се новото поскапување на струјата и другите неопходни артикли ситуацијата станува алармантна. Концептот бруто-плата остави десетици илјади семејства на улица. Сепак, поважно е да се пополни веќе исцрпениот владин буџет, користејќи ги сите инструменти, а не е важно дека со тоа е загрозен опстанокот на 44.000 луѓе.

До каде одат со оваа класична партиска чистка? Колку е долг новиот список за вработување нови сопартијци, а колку ќе ги напуштат работните места?

Срамота и гревота е што оваа Влада на ваков начин безмилосно тоталитарно ги остава на улица нивните неистомисленици.. Со кои очи ќе ги погледнат своите сограѓани кога за многу брзо ќе им заврши мандатот?

Ивана Делевска

Тековно оценет 3.4 од 9 посетители

  • Currently 3,444444/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , ,


" НАПОМЕНА: Блог статиите не секогаш го изразуваат официјалниот став на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и претставуваат лично мислење и став на нивните автори."

Powered by BlogEngine.NET 1.3.1.0
Theme by SDSM

Календар

<<  февруари 2012  >>
повтсрчепесане
303112345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728291234
567891011

Видете ги текстовите во голем календар

Автори

Страни

Најнови текстови

Најнови коментари

Клучни зборови

Категории

None


Download OPML file OPML