Што е сигурно и здраво во оваа држава кога една влада врши државен рекет врз граѓаните да платат нешто што не оди со здравата логика. Овој Закон за домување е донесен само за да се полни буџетот и граѓанинот повеќе да се осиромаши.
Оваа влада нема веќе идеи и приоритети што да прави со државата и нејзините граѓани, оти каде и да чепне ја утнува работата, така е со здравството, образованието, економијата и др. И тоа со многу лоши примери кои ги чинат најмногу граѓаните по нивниот џеб или по здравјето, пример: во образованието-учебници, компјутери, матура итн., во здравството: немањето лекарства, родилките - едноставно да ти е страв да затрудниш во оваа држава.
Да не зборуваме пак за економијата каде веќе е допрено дното. Владата ги потроши сите пари од буџетот кои и беа на располагање и сега веќе нема пари и носи небулозни закони како да со воведувањето на нови правила на куќните совети ќе се оправи државата, а тоа што го упропасти образованието и здравството, тоа не е важно. Каква ујдурма!
Се прашуваме што е следниот потег на владата или следната ујдурма. Изгледа сега е на ред да се тепаат граѓаните со полицијата како она што се случи во Штип кога ни крива ни должна жената беше удрена од полицаецот кој нели ја претставува власта и треба да ги спроведе наредбите на претпоставените или моќниците во градежниот сектор.
Или оној сиромавиот Горан Трајковски кој беше претепан од својот братучед началник на полицијата - Цветан Божиновски бидејќи наводно посегнал да му го земе бизнисот со обложувалниците. Што значи сила и моќ, да ги тепаш своите граѓани и пак да останеш на власт.
Се редат скандали до скандали како што е учебникот по општество за петто одделение во кои како заслужни граѓани може да влезе секој иако не придонел за државата, ама е по меракот и вкусот на власта. А, пак, оној “перачот на мозоци” од Сител кога му беше гостин во дневникот министерот за образование кажа дека тоа не е голема материјална штета, па ако не е , што не ја платиш штетата и онака нема да осетиш многу од џебот. Море не се брани она што не можеш да го одбраниш, туку оваа ПАЛАВА влада е како мало дете и што да каже и да направи само зелени ги кине.
Заради палавоста на оваа влада не сме во ЕУ и НАТО, се зголемуваат меѓуетничките тензии и економски ќе пропаднеме. Четири години да си играш мајтап со државата и нејзините граѓани е феномен на оваа влада и може да влезе во гинисовата книга. Штета народе, голема штета!
Но,после паѓањето на оваа ПАЛАВА влада ќе видете колкава ќе биде дупката, ама таква и била судбината на Македонија.
Бранко Шемов