Палава влада

by urednik 24.08.2010 18:26:00
Што е сигурно и здраво во оваа држава кога една влада врши државен рекет врз граѓаните да платат нешто што не оди со здравата логика. Овој Закон за домување е донесен само за да се полни буџетот и граѓанинот повеќе да се осиромаши. 
 
Оваа влада нема веќе идеи и приоритети што да прави со државата и нејзините граѓани, оти каде и да чепне ја утнува работата, така е со здравството, образованието, економијата и др. И тоа со многу лоши примери кои ги чинат најмногу граѓаните по нивниот џеб или по здравјето, пример: во образованието-учебници, компјутери, матура итн., во здравството: немањето лекарства, родилките - едноставно да ти е страв да затрудниш во оваа држава. 
 
Да не зборуваме пак за економијата каде  веќе е допрено дното. Владата ги потроши сите пари од буџетот кои и беа на располагање и сега веќе нема пари и носи небулозни закони како да со воведувањето на нови правила на куќните совети ќе се оправи државата, а тоа што го упропасти образованието и здравството, тоа не е важно. Каква ујдурма! 
 
Се прашуваме што е следниот потег на владата или следната ујдурма. Изгледа сега е на ред да се тепаат граѓаните со полицијата како она што се случи во Штип кога ни крива ни должна жената беше удрена од полицаецот кој нели ја претставува власта и треба да ги спроведе наредбите на претпоставените или моќниците во градежниот сектор.
 
Или оној сиромавиот Горан Трајковски кој беше претепан од својот братучед началник на полицијата - Цветан Божиновски бидејќи наводно посегнал да му го земе бизнисот со обложувалниците. Што значи сила и моќ, да ги тепаш своите граѓани и пак да останеш на власт. 

Се редат скандали до скандали како што е учебникот по општество за петто одделение во кои како заслужни граѓани може да влезе секој иако не придонел за државата, ама е по меракот и вкусот на власта. А, пак, оној “перачот на мозоци” од Сител кога му беше гостин во дневникот министерот за образование кажа дека тоа не е голема материјална штета, па ако не е , што не ја платиш штетата и онака нема да осетиш многу од џебот. Море не се брани она што не можеш да го одбраниш, туку оваа ПАЛАВА влада е како мало дете и што да каже и да направи само зелени ги кине.
 
Заради палавоста на оваа влада не сме во ЕУ и НАТО, се зголемуваат меѓуетничките тензии и економски ќе пропаднеме. Четири години да си играш мајтап со државата и нејзините граѓани е феномен на оваа влада и може да влезе во гинисовата книга. Штета народе, голема штета!
 
Но,после паѓањето на оваа ПАЛАВА влада ќе видете колкава ќе биде дупката, ама таква и била судбината на Македонија.
 
 
Бранко Шемов

А, што со македонската хипокризија?

by urednik 18.12.2009 09:37:00

Деновиве читавме низ медиумите изјави од шефот на македонската дипломатија Антонио Милошовски за тоа дека грчката политика во однос на проблемот со името и интеграцијата на Балканот во ЕУ е чиста хипокризија. Се поставува прашањето што има лицемерно во политиката на Грција - тоа што си ги штити државните интереси, тоа што знае со каква меѓународна сила и поддршка располага?
Едноставно, не сакам да верувам дека Милошовски ги потценува граѓаните на Македонија со неговата изјава и дали министерот овде сака да ни укаже дека Грција е виновна со некаква си морална осуда дека станува збор за лицемерност - па, Ви се молам!

Зошто Милошоски, Груевски, па и Иванов не престанат да се однесува лицемерно? Зошто не се изјаснат што има поточно зад завесата, зошто државниот врв не излезе со став за позицијата на Македонија? Нели е хипокризија повеќе од три години да не го кажуваш (или да го немаш) државниот став за олку важно прашање?

Замислете колку чудно - САД го знае ставот на премиерот, ЕУ и Грција исто така, само македонскиот народ нема поим кој е ставот на нашиот премиер за решавање на спорот за името, а Милошоски ни зборува за хипокризија. Знаете што е хипокризија? Хипокризија е да не му кажеш на својот народ во кој правец одиш, хипокризија е да зборуваш за разумен компромис, хипокризија е да изјавуваш дека Македонија цело време е посветена на преговорите ама Грција е проблемот и најголема од се хипокризија е да не се изјасниш за својот став и на тој начин му оставиш и простор на граѓанинот да влезе во дебата. Зар не е хипокризија кога едноставно само ќе фрлиш вина некому и со користење на емоционализација од типот чепкање во идентитетот и јазикот на Македонецот ќе градиш рејтинг - е од ова дефинитивно не постои поголема хипокризија. Така, премиерот не е тесто што би го месел секој меѓународниот фактор ама во овој случај македонскиот народ е тестото месено со манипулација, пропаднати проекти, огромна невработеност, слаба економија и сиромаштија. Вие господа сте најголеми хипокрити бидејќи го скративте правото на граѓанинот да учествува во дебатата за името не знаејќи го вашиот став, треба за таква хипокризија да зборуваме.

Сфатете дека никој во Македонија не спори дека Грција работи против нас и не уценува со нашето членство во НАТО и во ЕУ. Сите сме гневни на таквиот однос. Но, само власта која народот ја избира, има мандат и начин како да ја смени ваквата позиција на Македонија и да ги подобри односите со Грција.

И на крај господине Милошовски, во македонскиот јазик има многу поубав збор од зборот хипокризија, а тоа е лицемерност, Ве молам следниот пат употребете го.

 

Ѓорѓи Георгиевски

Работете, не свирете по улици!

by urednik 14.12.2009 11:09:00

Испровоциран од навидум неорганизираните свирења од автомобили низ центарот на Скопје, а по повод укинувањето на визите за граѓаните на Македонија, Србија и на Црна Гора, „спонтано“ таму се појавил и премиерот, кој по повеќе од три години владеење веќе требаше да научи како на државно, а не на партиско ниво се прославува одреден национален успех или достигнување.

Изминативе 18 месеци од сите страни - дома, но и од странство до Владата и до нас граѓаните допира една порака: најдете компромис за спорот и решете го проблемот за името меѓу Грција и Македонија. И таа порака се повторува постојано. Последниов месец ни се повторува секој ден и тоа по неколку пати.

Работете на решавање на спорот до 7 декември! Не чекајте Грција да иницира решавање, туку тоа сторете го вие во Македонија зашто токму ние Македонците сме тие коишто сакаме посветла иднина. Токму нашата земја и нејзините граѓани имаме огромна потреба да станеме рамноправна членка на ЕУ и на НАТО! На Грција и е сеедно, велат нашите пријатели зашто таа е веќе децениска членка во овие меѓународни организации, а нејзините граѓани ги ползуваат сите придобивки од грчкото членство во Унијата. Користат европски фондови, нејзините граѓани можат слободна да работат и рамноправно да студираат во која било друга земја што е членка на ЕУ, немаат никакви пречки во трговијата и во стопанството воопшто.

Тоа се пораките до Владата од нашите пријатели однадвор. Дома, во внатрешната политика го имаме следното: ДУИ и партиите на помалите етнички заедници како коалициски партнери јавно го повикуваат премиерот да најде решение за спорот. СДСМ, но и Нова демократија, ДПА и другите помали партии јасно порачуваат дека Груевски ја има целата нивна поддршка за да истапи, да преговара до решение и конечно да ја внесе Македонија каде што припаѓа - во Европската унија и во НАТО.

Што е заклучокот од сето ова? Математички излегува дека сите партии дома, но и сите пријатели од САД, ЕУ и од НАТО даваат поддршка и се ставаат на располагање на Владата за таа да седне и да постигне компромис, кој ќе значи почнување на преговори со ЕУ и во исто време членство во НАТО. Сите, освен премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Што прави тој заедно со своите најблиски во партијата? Се среќаваат со грчките претставници и само се сликаат со камерите и со фотоапаратите.
А, да, и свират по улиците во знак на поддршка на ослободувањето на визите за туризам. Значи свират, но забораваат дека тоа е одлука, исто така, на ЕУ, а не на нашата Влада. Кога ни ја соопштија оваа вест, европските претставници, а посебно Солана, Рен и Билт од Скопје и Брисел јасно порачаа дека ова е чекор кој ќе ја стимулира власта кај нас да најде решение за спорот за името. Треба да бидеме доблесни и да се потсетиме на тоа!

И пак ќе прашам: што прави премиерот и неговата партија? Свиркаат со автомобили по улиците во центарот на Скопје. Од мојата маленкост, само како граѓанин на Република Македонија ви го давам следниот совет: Автомобилски свирки се случуваат после битни победи по спортски натпревари! Овие свирки лесно можат да се трансформираат во сирени пред Владата и од маса луѓе кои на плоштадот ќе извикнуваат: „Сакаме иднина! Не балканско минато!“.

 

Дејан Краљевски

Каде одиме...?

by urednik 09.12.2009 05:27:00

Веке долго време во фокусот е проблемот со името,ирационален,наметнат...како и да,наш проблем! Проблем кој многу важни работи,одлучувачки за иднината на оваа наша земја ги става во мирување! Решение нема ни на повидок,7 декември е денес,исходот веројатно се знае,уште едно НЕ на развојот и подобрите перспективи на Македонија. Зошто? Е тоа е веке друго прашање!

Не би сакал,но веке морам и да верувам дека некој сака,и намерно ги кочи развојните процеси во оваа земја! Па со право ке прашам,дали „патриотите“ од ДПМНЕ се поголеми патриоти од мене и многу други кои мислат слично? Дали мислат дека јас или било кој друг би се откажал од својата припадност Македонец,од нешто свето?! НЕ! Ни мене не ми е по желба што се наметнал овој спор,но проблемите треба да се решаваат,а на нив треба да им се приоѓа реално! А реалноста е таа,името со географска одредница,и без било какви разговори за други прашања се добро решение! Не идеално,но добро! Впрочем ние и сега во ООН,во графите за јазик и државјанство сме заведени како БЈРМ! Ваков договор би и ги отворил перспективите на оваа земја...ова не е помалку патриотско размислување...напротив гледа подалеку од дневнополитичките и популистичките гледишта на оваа влада.

Но,да го оставиме името малку настрана... Дали оваа влада воопшто има план за нешто во државава?! Во државава никој повеке не говори за економија!(ако ја имаме) Состојбата е благо речено катастрофална на секој план! Државниот буџет е празен,пред секоја исплата на плати и пензии одново се задолжуваме по триесетина милиони,а со тоа си осигуруваме исто толку никаква иднина,како и сегашноста! Казни за полнење на буџетот фрштат на сите страни,1/3 од фирмите се блокираат,и се пишуваат казни од по 20.000 евра кои соборуваат секакви рекорди! А стопанството и без нив едвај се одржува во живот!

Пари нема,но администрацијата се полни,нема ни столчиња колку вработени! Како сме тргнале Македонија ке стане една голема Холдинг компанија за вршење административни услуги! Но,кога на изглед се е така црно,се појави решението на сите проблеми...бања за пензионерите! Зошто на никој ова не му текнало порано ви се молам?! Нема потреба воопшто да се образложува колку е штетно 1,500 000 евра да се потрошат на нешто не толку неопходно,впрочем така сметаат и самите пензионери! Со толкава сума на пари ке се поправат руинираните училишта или болници! Веројатно на дедо ми не му е мило да оди на бања,додека јас,и другите колеги студенти вложуваме труд и напори да постигнеме нешто,да се образоваме,да си помогнеме нам и на нашата земја,но не можеме да си дозволиме лаптоп!

Примери има многу,да се пишува има многу...но ке завршам со прашање,дали е возможно луѓево да се слепи при очи? зар не гледаат кај оди Македонија? Ке се послужам со една изјава од Реган,„Владата не е решение на проблемот,Владата е проблемот!“

 

Б.С авторот е студент


" НАПОМЕНА: Блог статиите не секогаш го изразуваат официјалниот став на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и претставуваат лично мислење и став на нивните автори."

Powered by BlogEngine.NET 1.3.1.0
Theme by SDSM

Календар

<<  септември 2010  >>
повтсрчепесане
303112345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930123
45678910

Видете ги текстовите во голем календар

Автори

Страни

Најнови текстови

Најнови коментари

Клучни зборови

Категории

None


Download OPML file OPML