Палава влада

by urednik 24.08.2010 18:26:00
Што е сигурно и здраво во оваа држава кога една влада врши државен рекет врз граѓаните да платат нешто што не оди со здравата логика. Овој Закон за домување е донесен само за да се полни буџетот и граѓанинот повеќе да се осиромаши. 
 
Оваа влада нема веќе идеи и приоритети што да прави со државата и нејзините граѓани, оти каде и да чепне ја утнува работата, така е со здравството, образованието, економијата и др. И тоа со многу лоши примери кои ги чинат најмногу граѓаните по нивниот џеб или по здравјето, пример: во образованието-учебници, компјутери, матура итн., во здравството: немањето лекарства, родилките - едноставно да ти е страв да затрудниш во оваа држава. 
 
Да не зборуваме пак за економијата каде  веќе е допрено дното. Владата ги потроши сите пари од буџетот кои и беа на располагање и сега веќе нема пари и носи небулозни закони како да со воведувањето на нови правила на куќните совети ќе се оправи државата, а тоа што го упропасти образованието и здравството, тоа не е важно. Каква ујдурма! 
 
Се прашуваме што е следниот потег на владата или следната ујдурма. Изгледа сега е на ред да се тепаат граѓаните со полицијата како она што се случи во Штип кога ни крива ни должна жената беше удрена од полицаецот кој нели ја претставува власта и треба да ги спроведе наредбите на претпоставените или моќниците во градежниот сектор.
 
Или оној сиромавиот Горан Трајковски кој беше претепан од својот братучед началник на полицијата - Цветан Божиновски бидејќи наводно посегнал да му го земе бизнисот со обложувалниците. Што значи сила и моќ, да ги тепаш своите граѓани и пак да останеш на власт. 

Се редат скандали до скандали како што е учебникот по општество за петто одделение во кои како заслужни граѓани може да влезе секој иако не придонел за државата, ама е по меракот и вкусот на власта. А, пак, оној “перачот на мозоци” од Сител кога му беше гостин во дневникот министерот за образование кажа дека тоа не е голема материјална штета, па ако не е , што не ја платиш штетата и онака нема да осетиш многу од џебот. Море не се брани она што не можеш да го одбраниш, туку оваа ПАЛАВА влада е како мало дете и што да каже и да направи само зелени ги кине.
 
Заради палавоста на оваа влада не сме во ЕУ и НАТО, се зголемуваат меѓуетничките тензии и економски ќе пропаднеме. Четири години да си играш мајтап со државата и нејзините граѓани е феномен на оваа влада и може да влезе во гинисовата книга. Штета народе, голема штета!
 
Но,после паѓањето на оваа ПАЛАВА влада ќе видете колкава ќе биде дупката, ама таква и била судбината на Македонија.
 
 
Бранко Шемов

Пуч врз Собранието или полициска држава?

by urednik 13.07.2010 12:14:00
Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со изградба на современ модел на полициска организација преку воведување на нови методи на работа на полицијата, јакнење на принципот на владеење на правото и промовирање на заштитата и почитувањето на фундаменталните човекови слободи и права“ – ова е запишано на страна 137 од преродбата во 100 чекори – надградена и проширена со која ВМРО ДПМНЕ победи на парламентарните избори. По четири откако ВМРО ДПМНЕ ја превзема Власта или ако сакате вкупно осум години како Груевски е власт во Република Македонија, ајде да видиме каква е ситуацијата денес.
 
Имавме „инцидент во Собранието“ според едни, а според други упад на извршната во законодавната власт или обид за инсталирање на полициска држава раководена од Груевски и уплашената фамилија на ВМРО ДПМНЕ. Што навистина се случи? На ова прашање, според правилата и прописите, одговор треба да даде анкетна комисија, а фактите кои таа комисија (доколку се формира) ќе ги постави на маса се следните:
 
Прво, во Република Македонија постои Закон за Собрание чиј член 43 многу јасно вели: „Одржувањето на редот во зградата на Собранието и во просториите во кои работи Собранието го обезбедува посебна служба. Лицата од посебната служба за одржување на редот во зградата на Собранието на  истакнато место на облеката носи обележје на Собранието на Република Македонија.“. Понатаму истиот овој член продолжува: „Овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во просториите од ставот (1) на овој член “. Дополнително истиот овој член вели: „Носење оружје во зградата на Собранието не е дозволено, освен за лицата овластени за одржување на редот во зградата на Собранието“.
 
Второ, ставот 4 од Членот 43 на Законот за Собрание недвосмислено пропишува: „За одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието одлучува и донесува мерки претседателот на Собранието по претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.“ што во превод значи дека претседателот на Собранието, по претходна координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, може да побара и дополнително засилување на обезбедувањето, но само кога околностите тоа ќе го побараат.
 
Трето, според официјалните снимки на безбедносните камери поставени во Собранието и сведочењата на присутните пратеници, тој ден пред канцеларијата на координаторот на пратеничката група на СДСМ патролираа (1) неуниформирани лица, (2) без легитимација, (3) наоружани до заби, кои (4) ги снимаа пратениците од редовите на опозицијата додека разговараа со присутните претставници на стечајците во врска со решавањето на нивните барања.
 
Заради фактот што во Собранието се појавија овие „сомнителни“ лица кои вршеа „сомнителни“ активности, а притоа никој од надлежните не беше за ништо информиран следуваше барање од страна на пратеничката група на СДСМ, за разрешување на претседателот на Собранието. За таа цел беше свикана Собраниска седница на која, по расправата, мнозинството одлучи да не го разреши Вељаноски од функцијата.
 
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ на оваа расправа не изустија ниту еден збор во одбрана на Вељаноски, ама затоа во нивниот препознатлив стил изнесоа илјадници лични дисквалификации и небулозни обвинувања за насилство извршено врз неуниформираното лице. Одамна претворено во  гласачка машинерија на Груевски и ВМРО ДПМНЕ, барајќи одговорност кај сите освен кај Вељаноски, владејачкото мнозинството на пратеници изгласа дека претседателот на Собранието може слободно да продолжи да си ја извршува својата функција онака како што тој си знае и умее.
 
За јавноста останаа неодговорени следните прашања:
 
1. Кој дозволи влегување на вооружени, неуниформирани лица без легитимација во просториите на Собранието на Република Македонија?
 
2. Дали претседателот на Собранието бил информиран од страна на министерката Јанкуловска дека припадници на МВР ќе бидат присутни во собраниските простории?
 
3. Ако бил информиран, зошто не свикал координација со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи?
 
4. Ако не бил информиран, дали ова не е школски пример на упад или пуч на извршната во законодавната власт во Република Македонија извршен по налог на Груевски и Јанкуловска?  
 
Одговорите сеуште ги очекуваме. 
                        

Груевски ја изгуби довербата од младите

by urednik 02.07.2010 10:13:00

„Не можете да ги решите денешните проблеми со сегашниот начин на размислување. Денешните проблеми се токму резултат на сегашниот начин на размислување“

Оваа  Ајнштајнова мисла најверојатно тивко се наметнала и ја разбудила свеста во сите нас. Не отрезнила и ни го разбистрила перцепирањето дека всушност најголемиот наш заеднички проблем е актуелната власт и нејзиниот челник Никола Груевски, а нивната промена на политичката сцена само ќе ја потврди истата.

Протестен митинг 27.06.2010 година. При тргнувањето од родната Битола, заедно со конвој од бројни автобуси, минибуси, автомобили, бев пријатно изненаден од присуството на голем број млади, особено мноштвото непознати ликови чиј ентузијазам дополнително ја покренуваше атмосферата при патувањето до нетрпеливо очекуваната дестинација. Баш сум среќен што токму од мојот град митингот го збогатува толкава младеж – помислив.

Но, кога пристигнавме во нашиот главен град занемев. Замислете, сиот беше обземен од младешкиот дух и младешка енергија. Ги имаше буквално од секое место во нашата држава, а она што посебно радуваше беа нивните насмевнати лица со знаме во раката и гордост во очите. Се препознаваа оние кои за прв пат го доживуваат незаменливото чувство и оние кои се присетуваат на минатите масовни средби од десетици илјади граѓани, со возбуда слушајќи го говорот на лидерот.

Беше јасно! Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ ја загубија довербата од младите. Онаа на која манипулативно и упорно работеа сите овие години.

Младите ја сфатија манипулацијата која сите 4 „преродбенички“ години си поигруваше со нивните чувства и чувствата на нивните родители и нивните најблиски.

Тие увидоа дека постои нешто посуштинско и поважно од цемент и блокови, од бронза и мермер. Постои свет на широки хоризонти и безброј можности, свет кој е толку близу до нас, но со властодршциве далечен и невозможен.

Сфатија дека демократија не е онаа на премиерот, во која секој внимава што прави и зборува, штитејќи ги своите, или работните места на родителите од немилосрдните санкции. Сфатија дека демократија сигурно не е физички напад врз студенти кои кажувајќи ја гласно својата стручност се обидуваат да спречат кардинална грешка и непотребен срам.

Младите осознаа дека патриотизмот, наместо празни зборови наменети за подгревање на нивните чувства, е нешто кое „раѓа“ дела за нивна подобра иднина, иднина во која правдата, демократијата и благосостојбата се основни обележја.

Сфатија дека безбројните отворени факултети, буквално во нивниот двор, единствено се за ќар на партиските новопечени кадри, ја сфатија лажната игра за привидно намалување на невработеноста и последно и, можеби најбезобразно, за спречување на масовното студентско здружување и подигнувањето на социолошкото ниво.

Младите дознаа дека проектот за претприемништво, инициран од агенцијата за вработување, е тенденциозно наменет за „купување“ на нивното презиме и име, бришејќи ги од бесконечниот список на невработени со средства доволни само за лажна надеж.

Забележаа, дека можеби со „подарениот“ закон за увоз на стари возила всушност се прикрива непостоечкиот економски напредок и нискиот стандард, поради кој наместо да се подновиме, мораме да крпариме.

Итн., итн., итн...

Замислете! Нашата власт успешно се користеше со морално и етички недозволиви методи за манипулација и привидна претстава за напредок, но после протестниот митинг во неделата очигледно дека го пренабрегнала времето, ја погрешила нацијата, а богами ја занемарила и младата интелигенција. Ја користам оваа прилика во име на Социјалдемократската младина на Македонија, да им се заблагодарам на сите присутни за дадената поддршка.

МЛАДИТЕ ПРЕПОЗНАА!

Дека наместо потезите кои постојано иницираат антагонизам со останатите етнички заедници, постои еден друг модалитет на соживот и заедништво, во кој сите ние би можеле заеднички да напредуваме и одговорно да ја градиме нашата иднина. Ја препознаа опцијата за победничка Македонија , бидејќи младите се родени да победуваат.

Ја препознаа и секојдневно и се приклучуваат на социјалдемократската младина која доследна на себе покажа храброст и одважност во моментите кога беше најтешко и која потврди дека претставува авангарда која му претходи и му го осветлува патот на младиот свет. Ја промени парадигмата „мочлењето е злато, во, „молчењето е зло“ и јасно и гласно истапи чекор пред другите и го направи нејзиното присуство видливо.

Повторно е гордост да си млад социјалдемократ, да ги споделуваш тие вредности и да се бориш за тие идеали, затоа што денес тоа се единствените фундаменти кои би можеле да го зачуваат нашето општество демократски здраво и одржливо.

Почитувани, веќе е јасно дека столбот на следниот мандат ќе биде довербата од младите, која сите ние треба да ја негуваме и ни случајно да ја изневериме. Нивното присуство на протестниот  митинг покажа дека тие веќе го променија начинот на размислување (Ајнштајновата мисла) и кон своите домови, со исполнето срце се упатуваа говорејќи „ОД ДЕНЕС ВЕЌЕ НИШТО НЕМА ДА БИДЕ ИСТО“.

Александар Кирацовски

Македонија ќе победи

by urednik 28.06.2010 12:22:00

Повеќе од 50.000 граѓани вчера покажаа каква е вистинската Македонија! И јас бев дел од таа Македонија. Пропуштив добар фудбал  и накиснав, ама во ниту еден момент не се покајав. Вчера ја видов онаа вистинската, осиромашената, опустошената и понижената Македонија на едно место. Онаа Македонија која, како никогаш до сега, храбро и решително одлучи да го крене својот глас против Никола Груевски и неговата издишана популистичка политика.
 
Македонскиот народ вчера го победи стравот. Овој народ вчера одлучи да стави крај на заканите, заплашувањата, поделбите и сиромаштијата. Овој народ покажа дека не може и не сака да продолжи да ги трпи лагите, понижувањата, и потценувањето на здравиот разум.
 
Груевски и неговата пропагандна машинерија платена со наши пари, цели 4 години, со кампањи, реклами и спотови се обидуваа да ни наметнат виртуелна стварност и не успееаа во тоа. Вчера Македонија ја победи лагата. Повеќе од 50 илјади најхрабри и најодлучни решија да се соочат со реалноста. Повеќе од 50 илјади покажаа дека повеќе ништо не може да ги уплаши. Повеќе од 50 илјади граѓани покажаа дека се подготвени да ја отфрлат погубната политика на кавги и поделби.
 
Соочен со порази и неуспеси на сите полиња, Груевски одлучи да ја продава веќе видената и многу пати повторувана приказна за „Патриоти и предавници“. Оваа приказна никогаш и никому не донела ништо добро. Оваа приказна не може да има среќен крај. Тоа беше многу пати до сега потврдено кај нашите соседни држави. Тој концепт неминовно води кон  меѓународна изолација и длабоки  внатрешни конфронтации. Тоа е стратегија која Македонија ја става во улога на жртва, а македонскиот народ води кон самосожалување и пораз. Тоа е Македонија заглавена во историјата, без визија за утрешнината.

Македонија вчера покажа дека наместо само кон минатото, знае да се сврти и кон иднината затоа што тоа е обврска и одговорност на секој граѓанин. Во Македонија не живее каков-таков народ. Македонија не е држава на восочни фигури. Македонија е држава на реални, живи луѓе со реални проблеми и реални потреби.
 
Реалната Македонија со разорена економија, со пропаднати фирми, со осамени и изгладнети граѓани излезе на улица, пред Влада и јасно и гласно му порача на Груевски дека брзо ќе дојде денот кога тој и неговата криминална дружина ќе одговараат пред народот, ама и пред законот.
 
Граѓаните на Македонија вчера покажаа дека паметат и една друга Македонија. Македонија која забрзано одеше на патот кон Европа и НАТО, Македонија која инвестираше во патишта, хидроенергетски потенцијал, болници и училишта, наместо во восочни фигури и споменици. Македонија со визија за повеќе наредни генерации, наместо заглавена во античкото минато.
 
Македонија вчера ја започна големата битка за предвремени парламентарни избори по Самитот на НАТО во ноември. Без разлика на исходот од Самитот, без разлика дали преговорите со Грција ќе завршат успешно или не, граѓаните демократски и легитимно ќе одлучат за каква Македонија и за каква иднина се.

Напред Македонијо, ние сме со тебе!

Тековно оценет 4.8 од 12 посетители

  • Currently 4,75/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , , , , , , , , ,

Преродбата пропадна!

by urednik 26.06.2010 08:32:00
Драги пријатели,
 
Дојде и тој ден, се откри вистинското лице на Никола Груевски. ВМРО ДПМНЕ покажа колку знае, колку умее и колку може да направи. Им дојде крајот на лажните ветувања, заврши времето за продавање лажни надежи!
 
Со еден збор, ПРЕРОДБАТА ПРОПАДНА!
 
Дојде време секој од нас да го крене својот глас со една и единствена цел – да ни ја вратат назад нашата Македонија, онаква каква што ја сите ја паметиме. Да ни ја вратат назад победничка Македонија затоа што ние тоа го заслужуваме.
 
Останаа само уште неколку работи кои мораме да им ги покажеме. Да им покажеме дека ние НЕ сакаме порази, ние НЕ сакаме понижувања. Да им покажеме дека ние НЕ сме нивниот каков – таков народ, ние НЕ сме восочни фигури. Да им покажеме дека НЕ им се плашиме повеќе!
 
Работите не се менуваат со молчење, со наведната глава и стоење на страна. Затоа на 27-ми јуни, Недела, во 20 часот се гледаме пред Влада. Ќе им покажеме дека НИЕ СМЕ ЗА ПОБЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА.
 
И од тебе зависи! Придружи се и биди победник!
 
ЗА ПОБЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА!

НЕ се рaбoти за татковината

by urednik 05.06.2010 10:05:00

Не можев да издржам, а да не напишам нешто по објавувањето на записникот од онаа проклета 161-ва седница на Владата. Ако е и од Груевски, многу е. Можете ли да замислите, дечкото и неговата дружина на седница на Влада заклучиле дека најдоцна до 1-ви септември сите привремени вработувања треба да се трансформираат во трајни вработувања на неопределено време.

Тоа во превод значи дека, и покрај превработеноста на јавната администрација, во сред економска криза, околу 30 илјади партиски војничиња на ВМРО ДПМНЕ ќе добијат награда -  решение за трајно вработување на трошок на сите граѓани на Република Македонија. Овие партиски потрчковци, за лепењето на плакати за нивната партија,  од 1-ви октомври ќе започнат да примаат плата на трошок на државата и тоа ќе им биде загарантирано со договор за работа на неопределено време. Какво образование? Каква сила? Каква моќ? За Груевски доволни се само портокаловата партиска книшка и по некој роднина или пријател во раководството на неговата портокалова партија.

Дрскоста да биде поголема, Груевски за оваа „операција“ (веројатно во пресрет на изборите на кои планира да изгуби) ги задолжил Ставрески кој парите за овие вработувања треба да ги обезбеди со ребалансот на Буџет, и вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски, кој е  најповикан да се грижи за департизација  на државната администрација. Значи едниот за оваа расипништво треба да скрати средства од фирмите, капиталните  инвестиции и директно од џебот на граѓаните, а другиот треба да го прави токму спротивното од она за кое сите ние го плаќаме.

Замислете, со ова на грбот на осиромашените  граѓани и банкротираните фирми  Груевски ќе натовари 30-тина илјади партиски војници на ВМРО ДПМНЕ. Или, како што вели онаа Владината кампања, „Образованието  е сила и моќ“, ама само ако сте  членови на ВМРО ДПМНЕ и роднини на нивните функционери.

На овој начин Груевски им залепи силна шлаканица на армијата невработени граѓани, на прегладнетите стечајци, на обесправените професионални војници, на фирмите кои секојдневно се борат да ја пребродат економската криза. На сите овие граѓани на нашата заедничка татковина Македонија Груевски им порача: не чекајте вработување, решавање на Вашиот статус, не чекајте пари од државата, тие и понатаму ќе се трошат на споменици, реклами, купување на возила и други луксузи.

За ова ли учевме? За ова ли се боревме сите овие години сакајќи да изградиме стабилна независна држава во која ќе се цени и образованието и трудот? Најпосле, за татковината ли се работи г-дине Груевски? Или се работи за нешто друго?

Мила Ристовска

Владата отиде предалеку

by urednik 31.03.2010 12:45:00

Почитувани ова Ви го пишувам затоа што оваа влада отиде предалеку со законите немајќи ја во предвид уставноста.Оваа влада донесе многу закони кои паднаа на уставен суд , од овде ке донесеме заклучок дека владата нема појма како се донесуваат закони.

Законот за пушење е  антиуставен закон. Водејки се по Уставот на Република Македонија граѓаните на оваа држава треба да ги уживаат нивните слободи и права. Па каде се слободите и правата на пушачите?

Исто така овој закон  води кон многу важен заклучок.

Владата на Република Македонија на чело со премиерот Груевски ја изманипулира целата држава со стапувањето на сила на овој закон. Во почетокот на оваа година Буџетот на Република Македонија поцна да снемува  пари , односно беше тотално исцицан  од бикот во Скопје и другите негови роднини.

Сите ние се прашуваме  од каде пари во оваа држава да во голема економска криза гради споменици  и планира проект за кој требаат  многу пари Скопје 2014.Одговорот можеме да го најдеме во законот за пушење. Се пишуваат драстично големи казни  со кој Буџетот на Република Македонија собира пари за Скопје 2014. Г-дине Груевски, дали ќе се чуствувате како Бог ако сите потклекнат на вашиот закон?

Последно е тоа  што г-дин Груевски се извади со тоа  дека овој закон бил Европски закон. Да , беше кога во Европа беше барокот  на мода, па можеби затоа ќе се гради барок стил во Скопје. Но сега веќе не, овој закон го нема никаде освен  во нашата мила и напатена, изолирана, антиуставна Барок Македонија.

Ристе Ѓорѓијев

Тековно оценет 4.7 од 11 посетители

  • Currently 4,727273/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , , , ,

Од што се плашите г-дине Груевски?

by urednik 17.03.2010 10:27:00

Не можам  и никогаш не сум можел да го разберам тој кукавичлук промовиран од „нашиот“ премиер кога било во прашање  неговото соочување со јавноста и  со реалноста. Транспарентноста што  толку многу е трубена во скоро  секое поглавје од Преродбата, и онаа првата и онаа надградената, изгледа ја разбираат сите во ВМРО-ДПМНЕ освен премиерот и неговите министри. Отчет пред јавноста не се дава со монтирани прашања од страна на навивачки расположени водители или на партиски трибини. 

Премиерот на една држава е премиер на сите и има одговорност да даде отчет  за својата работа пред секој граѓанин. Некои прашања можат да бидат  и непријатни, некои прашања можат  и да предизвикаат руменило од срам на неговото лице, ама за одговорен  премиер нема и не смее да има прашање што тој неможе да го одговори. Ако земеме дека во секоја демократска држава непријатните прашања ги поставуваат или новинарите или опозицијата или, поретко, незадоволните граѓани во директен контакт со политичарите, тогаш на одговорен претставник на власта треба да му биде предизвик да се соочи со истите. Негова должност е, доколку работи исправно, да ја издржи негативната критика и да ги убеди неистомислениците во спротивното. Негова одговорност е, доколку греши, или да го поправи однесувањето или да си поднесе оставка.

Она што  во демократска држава ниту еден премиер  не смее да го помисли е да бега од соочување со реалноста преку соочувањето со јавноста. Ако бега од неговиот политички непријател, тогаш сте помислиле ли како ќе реагира кога ќе ја нападнат државата? Ветојатно не. Страшно е да се помисли на тоа.

Наместо да даде отчет за тоа што го работи и тоа што планира да го сработи, тој се бави со минатото. Се бави само со минатото од античко време, па се до времето пред тој да дојде на власт. Себе си се споредува со Големиот Александар Македонски, а плука по сé што е направено во државата од 1945-та до 2006-та пред тој да стане премиер. Сака да поминува низ триумфални капии во центарот на Скопје без ниту една политичка победа. Го одложува решавањето на проблемот со името, тука се крие позади народот со некаков си референдум со прашање кое на никого до овој момент не му е познато.

Го одложува соочувањето со опозицијата криејќи се зад енормно скапите ТВ реклами, зад разни Миленковци, Јанковци, зад оние скромни партиски војничиња на ДПМНЕ кои му веруваат и се собираат пред седиштето на СДСМ носејќи крави, телиња, расипани патлиџани и јајца како тајно оружје кое не го употребиле никогаш до сега, дури ни кога Црвенковски беше премиер. Во нивно име изјави дава некоја си бивша стечајка, сега сопственик на шпедиција и некоја женичка со картон во болницата за душевни болест во Бардовци.

Господине Груевски, ако сте чесен и одговорен, нема од што да се плашите. Соочете се со реалноста. Излезете на ТВ дуел со лидерот на опозицијата Црвенковски и сите пораки што му ги праќате преку овие партиски војничиња, или „жртви на транзицијата“ како што Вие ги нарекувате, пренесете му ги лично. Кажете му лично, очи во очи, како што тоа го прави секој маж, секаде во светот. Дискутирајте, разговарајте и расчистете меѓу себе како двајца одговорни лидери на одговорни политички партии. Нека Ве види народот и нека процени кому треба да верува и кому треба да ја даде довербата. Народот тоа секогаш најдобро го правел, се надевам ќе се согласите.

А, што со македонската хипокризија?

by urednik 18.12.2009 09:37:00

Деновиве читавме низ медиумите изјави од шефот на македонската дипломатија Антонио Милошовски за тоа дека грчката политика во однос на проблемот со името и интеграцијата на Балканот во ЕУ е чиста хипокризија. Се поставува прашањето што има лицемерно во политиката на Грција - тоа што си ги штити државните интереси, тоа што знае со каква меѓународна сила и поддршка располага?
Едноставно, не сакам да верувам дека Милошовски ги потценува граѓаните на Македонија со неговата изјава и дали министерот овде сака да ни укаже дека Грција е виновна со некаква си морална осуда дека станува збор за лицемерност - па, Ви се молам!

Зошто Милошоски, Груевски, па и Иванов не престанат да се однесува лицемерно? Зошто не се изјаснат што има поточно зад завесата, зошто државниот врв не излезе со став за позицијата на Македонија? Нели е хипокризија повеќе од три години да не го кажуваш (или да го немаш) државниот став за олку важно прашање?

Замислете колку чудно - САД го знае ставот на премиерот, ЕУ и Грција исто така, само македонскиот народ нема поим кој е ставот на нашиот премиер за решавање на спорот за името, а Милошоски ни зборува за хипокризија. Знаете што е хипокризија? Хипокризија е да не му кажеш на својот народ во кој правец одиш, хипокризија е да зборуваш за разумен компромис, хипокризија е да изјавуваш дека Македонија цело време е посветена на преговорите ама Грција е проблемот и најголема од се хипокризија е да не се изјасниш за својот став и на тој начин му оставиш и простор на граѓанинот да влезе во дебата. Зар не е хипокризија кога едноставно само ќе фрлиш вина некому и со користење на емоционализација од типот чепкање во идентитетот и јазикот на Македонецот ќе градиш рејтинг - е од ова дефинитивно не постои поголема хипокризија. Така, премиерот не е тесто што би го месел секој меѓународниот фактор ама во овој случај македонскиот народ е тестото месено со манипулација, пропаднати проекти, огромна невработеност, слаба економија и сиромаштија. Вие господа сте најголеми хипокрити бидејќи го скративте правото на граѓанинот да учествува во дебатата за името не знаејќи го вашиот став, треба за таква хипокризија да зборуваме.

Сфатете дека никој во Македонија не спори дека Грција работи против нас и не уценува со нашето членство во НАТО и во ЕУ. Сите сме гневни на таквиот однос. Но, само власта која народот ја избира, има мандат и начин како да ја смени ваквата позиција на Македонија и да ги подобри односите со Грција.

И на крај господине Милошовски, во македонскиот јазик има многу поубав збор од зборот хипокризија, а тоа е лицемерност, Ве молам следниот пат употребете го.

 

Ѓорѓи Георгиевски

Работете, не свирете по улици!

by urednik 14.12.2009 11:09:00

Испровоциран од навидум неорганизираните свирења од автомобили низ центарот на Скопје, а по повод укинувањето на визите за граѓаните на Македонија, Србија и на Црна Гора, „спонтано“ таму се појавил и премиерот, кој по повеќе од три години владеење веќе требаше да научи како на државно, а не на партиско ниво се прославува одреден национален успех или достигнување.

Изминативе 18 месеци од сите страни - дома, но и од странство до Владата и до нас граѓаните допира една порака: најдете компромис за спорот и решете го проблемот за името меѓу Грција и Македонија. И таа порака се повторува постојано. Последниов месец ни се повторува секој ден и тоа по неколку пати.

Работете на решавање на спорот до 7 декември! Не чекајте Грција да иницира решавање, туку тоа сторете го вие во Македонија зашто токму ние Македонците сме тие коишто сакаме посветла иднина. Токму нашата земја и нејзините граѓани имаме огромна потреба да станеме рамноправна членка на ЕУ и на НАТО! На Грција и е сеедно, велат нашите пријатели зашто таа е веќе децениска членка во овие меѓународни организации, а нејзините граѓани ги ползуваат сите придобивки од грчкото членство во Унијата. Користат европски фондови, нејзините граѓани можат слободна да работат и рамноправно да студираат во која било друга земја што е членка на ЕУ, немаат никакви пречки во трговијата и во стопанството воопшто.

Тоа се пораките до Владата од нашите пријатели однадвор. Дома, во внатрешната политика го имаме следното: ДУИ и партиите на помалите етнички заедници како коалициски партнери јавно го повикуваат премиерот да најде решение за спорот. СДСМ, но и Нова демократија, ДПА и другите помали партии јасно порачуваат дека Груевски ја има целата нивна поддршка за да истапи, да преговара до решение и конечно да ја внесе Македонија каде што припаѓа - во Европската унија и во НАТО.

Што е заклучокот од сето ова? Математички излегува дека сите партии дома, но и сите пријатели од САД, ЕУ и од НАТО даваат поддршка и се ставаат на располагање на Владата за таа да седне и да постигне компромис, кој ќе значи почнување на преговори со ЕУ и во исто време членство во НАТО. Сите, освен премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Што прави тој заедно со своите најблиски во партијата? Се среќаваат со грчките претставници и само се сликаат со камерите и со фотоапаратите.
А, да, и свират по улиците во знак на поддршка на ослободувањето на визите за туризам. Значи свират, но забораваат дека тоа е одлука, исто така, на ЕУ, а не на нашата Влада. Кога ни ја соопштија оваа вест, европските претставници, а посебно Солана, Рен и Билт од Скопје и Брисел јасно порачаа дека ова е чекор кој ќе ја стимулира власта кај нас да најде решение за спорот за името. Треба да бидеме доблесни и да се потсетиме на тоа!

И пак ќе прашам: што прави премиерот и неговата партија? Свиркаат со автомобили по улиците во центарот на Скопје. Од мојата маленкост, само како граѓанин на Република Македонија ви го давам следниот совет: Автомобилски свирки се случуваат после битни победи по спортски натпревари! Овие свирки лесно можат да се трансформираат во сирени пред Владата и од маса луѓе кои на плоштадот ќе извикнуваат: „Сакаме иднина! Не балканско минато!“.

 

Дејан Краљевски


" НАПОМЕНА: Блог статиите не секогаш го изразуваат официјалниот став на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и претставуваат лично мислење и став на нивните автори."

Powered by BlogEngine.NET 1.3.1.0
Theme by SDSM

Календар

<<  септември 2010  >>
повтсрчепесане
303112345
6789101112
13141516171819
20212223242526
27282930123
45678910

Видете ги текстовите во голем календар

Автори

Страни

Најнови текстови

Најнови коментари

Клучни зборови

Категории

None


Download OPML file OPML