Испровоциран од навидум неорганизираните свирења од автомобили низ центарот на Скопје, а по повод укинувањето на визите за граѓаните на Македонија, Србија и на Црна Гора, „спонтано“ таму се појавил и премиерот, кој по повеќе од три години владеење веќе требаше да научи како на државно, а не на партиско ниво се прославува одреден национален успех или достигнување.
Изминативе 18 месеци од сите страни - дома, но и од странство до Владата и до нас граѓаните допира една порака: најдете компромис за спорот и решете го проблемот за името меѓу Грција и Македонија. И таа порака се повторува постојано. Последниов месец ни се повторува секој ден и тоа по неколку пати.
Работете на решавање на спорот до 7 декември! Не чекајте Грција да иницира решавање, туку тоа сторете го вие во Македонија зашто токму ние Македонците сме тие коишто сакаме посветла иднина. Токму нашата земја и нејзините граѓани имаме огромна потреба да станеме рамноправна членка на ЕУ и на НАТО! На Грција и е сеедно, велат нашите пријатели зашто таа е веќе децениска членка во овие меѓународни организации, а нејзините граѓани ги ползуваат сите придобивки од грчкото членство во Унијата. Користат европски фондови, нејзините граѓани можат слободна да работат и рамноправно да студираат во која било друга земја што е членка на ЕУ, немаат никакви пречки во трговијата и во стопанството воопшто.
Тоа се пораките до Владата од нашите пријатели однадвор. Дома, во внатрешната политика го имаме следното: ДУИ и партиите на помалите етнички заедници како коалициски партнери јавно го повикуваат премиерот да најде решение за спорот. СДСМ, но и Нова демократија, ДПА и другите помали партии јасно порачуваат дека Груевски ја има целата нивна поддршка за да истапи, да преговара до решение и конечно да ја внесе Македонија каде што припаѓа - во Европската унија и во НАТО.
Што е заклучокот од сето ова? Математички излегува дека сите партии дома, но и сите пријатели од САД, ЕУ и од НАТО даваат поддршка и се ставаат на располагање на Владата за таа да седне и да постигне компромис, кој ќе значи почнување на преговори со ЕУ и во исто време членство во НАТО. Сите, освен премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Што прави тој заедно со своите најблиски во партијата? Се среќаваат со грчките претставници и само се сликаат со камерите и со фотоапаратите.
А, да, и свират по улиците во знак на поддршка на ослободувањето на визите за туризам. Значи свират, но забораваат дека тоа е одлука, исто така, на ЕУ, а не на нашата Влада. Кога ни ја соопштија оваа вест, европските претставници, а посебно Солана, Рен и Билт од Скопје и Брисел јасно порачаа дека ова е чекор кој ќе ја стимулира власта кај нас да најде решение за спорот за името. Треба да бидеме доблесни и да се потсетиме на тоа!
И пак ќе прашам: што прави премиерот и неговата партија? Свиркаат со автомобили по улиците во центарот на Скопје. Од мојата маленкост, само како граѓанин на Република Македонија ви го давам следниот совет: Автомобилски свирки се случуваат после битни победи по спортски натпревари! Овие свирки лесно можат да се трансформираат во сирени пред Владата и од маса луѓе кои на плоштадот ќе извикнуваат: „Сакаме иднина! Не балканско минато!“.
Дејан Краљевски