Битола мој роден крај

by urednik 31.01.2012 15:15:00

Битола градот на клавирите, адвокатите, конзулите, град со монументално историско и културно значење за Република Македонија. Во овој град дошле во судир најразлични култури и секоја од нив оставила траен белег како во материјална смисла така и во дефинирањето на душата  на градот. 

Покрај таа огромна зачинета мешавина на култури сепак градот успеа да задржи  еден свој единствен уникатен изглед, овој град со сигурност можам да кажам дека е егзотичен дел на Балканот. Јас како битолчанец се прашувам до каде може да оди човечката глупост и како може некоја група на луѓе во два три дена да ја нарушат цела оваа хармонија на култури и традиции во овај град. Ако власта успеа од Скопје да направи „ЛУНА ПАРК” битолчани не смееме да дозволиме да ни се случи истото, оние кои ги бараат овие радикални промени во нашиот град се луѓе кои не можат да го сфатат и разберат духот на овај град не можат да го почувствуваат пулсот на Битола односно не се битолчани.

Битолчани сме космополитски луѓе, имаме своја традиција го имаме утринското кафе на „корзо” го имаме битолските “мајтапи” имаме убавите битолски „чупиња”  ги имаме и битолските „кабадаи” или со еден збор го имаме битолскиот шмек. Битола има и многу други вредности и многу луѓе кои низ историјата  дале придонес како за градот така и за државата, биле вистински патриоти,  борци за слобода и дале крв за да ние денес слободно се шетаме по битолското корзо. И сето тоа поради љубов кон својот град  и татковината. Срамно е да негираме дел од нашата историја срамно е да забораваме  кои сме и од каде сме.

Ние младите луѓе треба да имаме една јасна претстава за реалноста да ја почитуваме перспективата и да се грижиме за своето минато за својата историја не онаа од времето на неолитот и палеолитот туку оној дел од историјата и оние луѓе кои допринесле да сме денес слободни. Денес таа слобода е парализирана од оние кои се кажуваат како преродбеници од оние кои сакаат да испишат една нова историја на овие  простори баш како што правеле сите тирани.

Реалноста во ова држава не е повеќе реалност се повеќе е конфузија, оваа тиранска власт пипците на својата портокалова пропаганда ги метастазира во сите сфери на општеството, не можеме повеќе ни спортски настани да гледаме во комоција не можеме повеќе ни весници со различни мислења да читаме не можеме да имаме повеќе ни идеологија ни историја различна од нивната. Немаме повеќе слобода, иднина, минато, имаме конфузна историја не одиме напред ниту тапкаме во место ниту сме назад ние сме во една бестежинска состојба на национализам и во една еуфорија на антиквизација на се она што не е античко.

Битола е град кој успеал да опстои таков каков што е токму поради луѓето кои живееле во него и љубовта кои ја  имале кон овај град се надевам дека и така ќе остани се надевам дека ке разбуди “битолското” во нас и ќе му кажеме на овие „голичи кабадаи” од каде „течи Драгоро”. Доста е веќе, треба да ја кренеме главата високо и да му покажеме на сите зошто сме битолчани зошто сме различни од другите да му покажеме на оваа „портокалова раса” дека ние сме горди битолчани и горди Македонци со почит кон своето минато, историја  и беспрекорна љубов кон својот град таков каков што ни го оставиле нашите предци.

Тома Томовски

Тековно оценет 5.0 од 12 посетители

  • Currently 5/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , ,

До кога?

by urednik 22.12.2011 11:31:00
Што ли уште не ни се случува во оваа наша јадна Држава? ДПМНЕ и сѐ е можно. 

Фрчат на сите страни: 

- убиства, затворања, парламентарни меници, пописи, писма до Брисел, лустрации, радиодифузии такси, донации од 1000 евра, технолошки вишок, решенија на извршители, а народот мирен како „бубалка” како да не е негова државата, само си гледа сеир, а нема егзистенција. Стварно сме жилав и издржлив народ кога можеме онака „демократски“ да гледаме и трпиме ваква невидена сиромаштија, а ништо да не преземеме, ниту пак да викнеме гласно – „што правите бре властодршци”, ни ја растуривте државата, уште ли ќе не молзите, до кога? 

Но, гласот на народот е фатен и залипнат од страотните заплашувања, уценувања и казнувања од власта преку извршителите кои се ноќна мора за народот и од нив не може да спие, но што порано ако се отпушти гласот тоа подобро, оти потоа ќе биде доцна. Оти како што тргнала работава, власта со Груевски на чело може и воздухот и водата да ни ја наплати и ќе бидеме како риба на суво. Оти Груевски и фамилијата „хероите на нашето време” егзистираат од плеќите на народот. 

Власта си има свои судии, лустратори кои само по нарачка работат, небаре оние неистомисленици што се судат и лустрираат се роба за продавање. 

Судските и лустраторските егзекутори со самото доаѓање на работа, прва работна задача им е, прво некого да осудат или лустрираат. Јас не знам зошто Груевски не донесе закон во Собранието тој да стане обвинител, а министрите судии и тие директно да ги судат сите оние кои во државата не им одговараат, барем тогаш судството ќе ни биде „поефикасно”, а со тоа ќе го исполниме едниот услов за прием во ЕУ. Исто така, власта може, бидејќи има мнозинство во Собранието, да донесе Закон за забрана за дуели и јавни дебати оти и онака не и се потребни. 

Но, ако стварно и искрено Ве интересира како власта ги доби изборите и ако сакате да се ослободите од сите купувачи на гласови дозволете да на следните избори падне оваа власт, за да можат сите тие да одговараат пред законите на Република Македонија. Но, на ова ќе рече Јанкуловска: „Ние работиме според Уставот и законите на оваа држава”, ама нема поднесено ниту една кривична пријава против луѓе или активисти од нејзината партија, посебно оние што се по јавните набавки во државните органи и институции. 

Тоа се методите на оваа власт, општо познати и затоа државата ни тоне, а се офајдуваат поединци, а сметката на крајот ќе ја плати народот. 

Но, сепак власта знае да работи и тоа две работи: да води досиеа и да зема кредити. 

Затоа народе, во оваа сиромаштија кој ќе преживее, ќе раскажува. 
 

Бранко Шемов од Кавадарци

Тековно оценет 5.0 од 4 посетители

  • Currently 5/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , , , , ,

„Сиромашните чеда” од Преродбата

by urednik 15.11.2011 11:04:00

5 години и 100 дена во изолација, сиромаштија и беда, тоа се двата најважани проекти што ни ги спроведе оваа власт до сега.

Така изолирани без влез во НАТО и ЕУ ќе се скапеме и умреме во сиромаштија и беда во оваа наша напатена Македонија и некаде во историјата ќе биде запишано дека заслугата за тоа ја имал владетелот кој од многу што го сакал народот му градел народни кујни, го носел на бањи, му купил автобуси и бесплатно го возел, му правел тениски игралишта за да учи да игра тенис, базени за да научат да пливат, а спомениците и црквите ќе му биде местото на народот каде духовно ќе се просветува и крсти за да не мисли на бедата и сиромаштијата.

Затоа власта си го скрои Буџетот и го зголеми за уште 150 милиони евра, па ќе земе кредит за уште 130 милиони евра и ќе тргне во нова офанзива во трошење на парите за се’ друго и провизии, ама не’ за народот.

Ете народе, таква е “преродбата” на оваа власт која раѓа нови “сиромашни чеда” и зема голем замав како стампедо кое тешко се запира.

За мерак е да живееш во оваа држава, ништо не ти треба одвише, што ќе ти е вработување, плата, одмор, Европа итн., тоа е луксуз за овој народ, туку тоа се благодети само за оваа власт.

Што да правиме, оваа власт така ни ја има земено мерката да не смееме ниту збор да писнеме оти нели ќе бидеме нарешени предавници и ќе не јаде мракот. Не ни треба Европа, тука се’ ни е таман, ништо не ни фали, си имаме за јадење и пиење, а демократија колку што сакаш почнувајќи од медиуми, судови итн.

Затоа власта кога сака си зема кредити, си зголемува Буџети, си казнува и си троши пари и си зема провизии. Знае дека сме мирен народ и си имаме други проблеми, нели? Само овде во Македонија власта се богати, а народот осиромашува и тоа власта се збогатува кога имаме 637 000 сиромашни луѓе или 32% од населението.

Дури пак власта спроведе закон за давање на бенифиции за раѓање на повеќе од 3 деца и замислете си во вакви услови на сиромаштија, кој е тој што ќе се дрзне да прави деца кога власта зема кредити и троши пари, а ќе ги задолжи тие новородени деца и ќе станат нови „сиромашни чеда” од преодбата.

Без влез во ЕУ и НАТО, со зголемувањето на буџети и земањето кредити оваа власт ќе продолжи да го осиромашува овој народ и ќе го задолжува и натаму ќе продолжи затворањето на фирмите, дуќаните и тоа ќе трае се’ додека оваа власт ја води државата.


Бранко Шемов

Тековно оценет 4.3 од 3 посетители

  • Currently 4,333333/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , , , , , , , , , , ,

Вмровските спинери и националните интереси

by urednik 07.11.2011 10:31:00

Немам обичај да ги следам активностите на Латас, оти во земјава не постои поголем спинер од него. Ама, денес случајно наидов на неговата колумна „Пораки“ и одлучив да ја прочитам. И има што да видам. Од последниот пат кога прочитав негова колумна (2009 г.), човеков ептен збрлавел. 

Не ме изненади што во текстот ги обвинува сите неистомисленици на газда Ѕинго и другар му Грујо. Тоа е веќе видена и добро позната тактика, која ја применуваат и останатите негови колеги спинери.

Не сум изненадена ниту од тоа што Латас ги напаѓа претставниците на ЕК, европратениците, еврокомесарите, во суштина сè поврзано со Европската Унија. Познато е и дека со ваквите негови изјави Латас веќе некое време се обидува да ја дисквалификува Македонија од трката за влез во ЕУ.

Ќе се обидам да замижам пред фактот што текстот изобилува со правописни и граматички грешки, вулгаризми, турбо фолк и небулозни невистини. Сето ова претставува сериозен проблем кој ја уназадува нашата култура, ама за жал не е најопасниот удар кој новинаров ѝ го задава на македонската нација.

Сепак, не можам да замижам на насилничката, националистичката и србоманската реторика со која се служи. Не можам ниту да му простам што јасно и отворено се обидува да го наруши мирот во земјава и да предизвика меѓуетнички тензии.

Латас му објави (за сега вербална) војна на коалициониот партнер на Груевски – Али Ахмети. Да, тоа е истиот оној партнер со кој пред некој месец Грујо мирно се спогоди и договори да продаде неколку значајни македонски интереси, а за возврат си остана во премиерската фотелја.

Очигледно за Латас е во ред пазарењето со националните интереси, но не и обезбедувањето на македонската територија преку влез во НАТО, или покачувањето на македонскиот стандард преку влезот во ЕУ. Па, затоа „експертов“ предлага да почнеме нова војна. Да заборавиме на сиот напредок кој сме го постигнале на план на меѓуетничка соработка и мултикутурно општество, вели Латас.

Од целата негова колумна, ништо не ме запрепасти толку како неговиот предлог да сме се вклучиле во сојуз со Србија со цел да го побиеме албанскиот фактор (?!).

Како оди тоа негово „решение“ во прилог на зачувувањето на македонскиот идентитет, за кој Грујо тврди дека ревносно се бори?!? Како тоа негово решение ќе помогне да се зачуваат границите и суверенитетот на нашата земја? Како тоа ќе помогне да се покачат македонските плати, да се зголемат правата на македонските граѓани? Како тоа ќе ја направи Македонија влијателна земја?

Ма, гајле му е на Латас за македонскиот идентитет, за интегритетот и стандардот во земјава, гајле му е на него за Македонија воопшто.

Си кажа тој – сака Македонија да ја види во Србија. За господинот Павловиќ важен е само српскиот национализам и шовинизам. Уште во срце си ги носи идеалите на Милошевиќ за Голема Србија.

Колку што му е гајле на него, толку им е гајле и на челниците на ДПМНЕ. На нив им се важни само нивните фотелји. Фотелјите им се важни и на ДПМНЕвските полтрони кои во текот на работното време позитивно го оценуваат и коментираат под текстот на Латас. Веќе не знаат кој став да го заземат луѓево, ама не им е ни важно. Напаѓаат сè и сешто, без грижа на совеста дека со таквите постапки го поткопуваат интегритетот на земјата. Сè ќе сторат само да ја задржат фотелјата и да си земаат плата од буџет.

Ако продолжат вака, ни отиде државата јабана. Ниту еден Македонец кој ја сака својата земја не смее тоа да им го дозволи. Има начин да го отстраниме туморот ДПМНЕ од државата пред да почне да метастазира. Од нас зависи. Треба само да се приклучиме.

Кристина Костова

Излегување од плакарот

by urednik 31.10.2011 05:37:00

Пред десетина дена од „плакарот“ излезе Закари Квинто. Актерот познат по улогите на Спок во „Ѕвездени патеки“ и Сајлер во „Херои“ долги години одбиваше да зборува за сопствената сексуална ориентација, но самоубиството на еден младич го натера да се декларира како хомосексуалец. Честитки за храброста која ја смогнал.

Овој октомври уште една личност излезе од еден поинаков „плакар“. Приказната за ова излегување е нешто поинтересна од онаа за Квинто.

Таа приказна започнува со младиот, надежен политичар од Македонија - Груевски. За време на предизборната кампања во јуни 2006, новоименуваниот лидер на ДПМНЕ ја напаѓа власта за „анемичноста“ во приближувањето кон ЕУ. На про-европски ориентираното мнозинство му ветува економска преродба и брз влез во НАТО и ЕУ. Успева да ја добие власта и сите очекуваат да почне неговата „магија“.

Но, наместо да ги исполни своите ветувања, тој почнува да се занимава со ширење национализам, саморекламирање, прескапи кампањи, популистички мерки.

Неговата Влада го докусури македонското судство, ја партизира администрацијата, го притисна независното новинарство, ги прогони неговите неистомисленици, ја угнети слободата на говор, ја зголеми сиромаштијата, ја зголеми меѓуетничката тензија. Со секој нов извештај на ЕК, премиерот добиваше сериозни забелешки за овие негови (не)намерни грешки, кои ниту еднаш не се обиде да ги отстрани.

Минуваа недели, месеци, години во кои Груевски со секој свој потег ја уназадуваше својата земја и го сопираше нејзиното патување кон Европа. Со години премиерот ги уверуваше неговите сограѓани дека прави сè за да ја однесе земјава во Македонија. Некои му веруваа. За сето тоа време, тврди дека ја води земјата по патот кон ЕУ, иако со неговите постапки на сите им се чини дека го прави спротивното. Слатки се парите од европските фондови, поарно е да се премолчат вистинските ставови, отколку да се изгуби шансата да се трошат.

Сепак, неодамна се покажа дека неговата европска определба била само декларативна и ништо повеќе. По последниот извештај на ЕК на сите им стана јасно дека ЕУ нема да нè прифати токму заради Груевски.

Извештајот на ЕК го натера Груевски да излезе од „плакарот“. Сфати дека е залудно да лаже за својата политичка ориентација. Нема потреба да се претставува како нешто што не е. Отворено и пред сите призна дека не е европски ориентиран. Дека не го интересира привлечниот и убавиот статус на земја членка на ЕУ. Заинтересиран е само за својот сопствен статус - премиер на изолирана земја, во која од ден на ден расте сиромаштијата, корупцијата, меѓуетничката тензија, а се намалува безбедноста, перспективноста, демократијата.

Добро е што конечно призна како стојат работите. Сега останува на сите македонски граѓани да одлучат дали ќе го поддржат Груевски и со тоа ќе ја одберат еврофобичната страна, или ќе го отфрлат евроскептицизмот и ќе се одлучат за опцијата која ќе ја внесе Македонија во ЕУ.

Кристина В. Костова

Тековно оценет 4.4 од 7 посетители

  • Currently 4,428571/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , , , , , , , , ,

Каква хипокризија?!

by urednik 05.08.2011 07:21:00

Еве се избра ново-старата влада и во име на народот дадоа заклетва во Парламентот дека чесно ќе работат и ќе ги почитуваат Уставот и законите- (каква лакрдија)?

Се поставува прашањето дали истите министри кои учествуваа и го дозволуваа заплашувањето и присилувањето на гласачите за време на изборите можат така лесно да дадат заклетва во Парламентот во име на тој присилуван народ-каква хипокризија.

При изборот на влада не се понуди нешто ново во поглед на економијата и подобрувањето на животот на граѓаните, туку само се кажуваа фалби и славопојки и успеси на власта без реална основа.Се понудија, пак, истите министри кои се навикнати на “дрпање во џеб”, но тешко на народот како ќе се снаоѓа и ќе ги плаќа сите давачки према потрошачкиот менталитет на власта.

Ќе речете, па самиот народ си ги избра, така е тоа, но кога ќе почне бродот да тоне, тогаш сите ќе бегаат и ќе си одат со заработувачката од сопствениот народ, а државата не е важна, нека пропаѓа.

Се изнаслушавме во Парламентот од владеачките пратеници и од премиерот дека се ширело говор на омраза од опозицијата.

А, кој го шири говорот на омраза, оној што владее или оној што е во опозиција? Или оној што ги има сите инструменти на власта? Па, господа од владеачкото мнозинство, говорот на омразата произлегува од вашите постапки и незаконитости што ги правите во секојдневното практицирање на власта и кога ќе ви се укаже на тоа, или ќе ве искритикуваат, па веднаш велите дека има говор на омраза.Говорот на омраза ви се враќа како бумеранг од оние кои секојдневно ги повредувате со разните незаконски дејствија, примери има многу, но можат да ви се посочат неколку:

-Нели е говор на омраза кога некој од фамилијата или незаконски ќе го затворите или ќе му пресудите пред да се поднесе обвинителен акт  односно повреда на начелото на презумпција на невиност;

-Нели e говор на омраза кога неправедно ќе затворите медиуми и ќе шиканирате новинари и ќе ги бркате од работа;

-Нели се состои говор на омраза кај фамилијата на убиеното момче Мартин Нешковски кое директно е убиено од власта, а се забошотува случајот;

-Нели е говор на омраза кога народните пари од Буџетот ќе ги потрошите за споменици, триумфални порти итн., а мнозинството од граѓаните со тоа не се слагаат и нормално е да тие се незадоволни од постапките на потрошачите на пари, а тоа е власта и нормално е да негодува опозицијата како коректив на власта која ги артикулира тие мислења и ставови на граѓаните и ја напаѓа и критикува власта во Парламентот. Но, веднаш премиерот и власта кога немаат аргументи се правдаат и лепат етикети на опозицијата дека тоа е говор на омраза- смешно нели!

-Нели е говор на омраза во поделбата на граѓаните на предавници и патриоти, а тоа единствено го шири само власта и нејзините истурени мегафони;

-Дали е чесно во име на Уставот да се дава заклетва дека чесно ќе се работи кога нечесно се дојде на власт со купување на гласови на изборите?

-Но, важно е сега “Свети Петка” ќе ни помага-Груевски се крсти во неа.
 

Бранко Шемов 

 

Законот за млади "киднапиран" од политиката

by urednik 05.08.2011 07:12:00

И покрај тоа што Предлог Законот за млади веќе е во собраниска процедура, сепак треба да се укаже на некои работи кои имаат суштинско значење.
 
Добро е тоа што ќе се донесе еден ваков закон кој ќе овозможи на институционално ниво да бидат артикулирани проблемите на младите и да бидат застапувани нивните интереси, меѓутоа, проблемот е во тоа што Законот за млади е премногу исполитизиран, сведен во "скутот" на власта -едноставно е "киднапиран" од политиката.
 
Со самото тоа што Владата именува дури 11 членови во Државниот Совет на млади, јасна е работата. Тоа ќе биде младинско тело под контрола на владеачката партија.
 
Младите кои членуваат во опозиционите партии како "поткатегорија" на младите, значително се маргинализирани во однос на учеството во тие институционалните младински организациии.
 
Поради тоа што сум директно инволвиран и доволно запознат (како Потпретседател на младинскиот Парламент во Кавадарци) со локалната младинска политика и локалните младински организации, ќе зборувам повеќе за локално ниво, поконкретно за Кавадарци, а истата ситуација, по принципот на домино-ефект се случува во цела Македонија.
 
Имено, целата постапка за избор на членови во Советите на млади на Општините се води крајно нетранспаренто. Како прво, членовите на Советот на млади на Општината ги избира Советот на Општината, а на предлог на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања во рамките на Локалната самоуправа,  без предходно  било какво мислење. Како може таа комисија да изврши селекција (на минимум 5 члена, зависно од бројот на жители на Општината) на пр. од вкупно 100 апликанти, без за тоа да се консултира со некој без интервју. Тоа е сосема доволен индикатор за следнава констатација-членовите се претходно селектирани, се разбира според принципот на политичка подобност.
 
Понатаму, кој ги предлага членовите на Советот на млади на Општината? Замислете, кандидатите од средношколците ги определуваат директорите на средните училишта (што е спротивно на Законот, а и на здравиот разум), наместо училишните совети, со изговор дека за таква постапка немале време.
 
И за крај, уште еден куриозитет. Во грото од Локалните младински стратегии (ЛМС) кои ги усвојуваат Советите на Општините, а врз чија основа треба да работат Советите на млади, не се детектираат најгорливите и реалните проблеми и решенија кои ги засегаат младите, туку некои спорадични проблемчиња, со еден збор се избегнува реалноста. Имено, невработеноста како најгорлив проблем со кој се соочуваат младите во некои ЛМС воопшто и не се споменува, најверојатно поради тоа што не сакаат да признаат дека е тоа најголем проблем, а уште помалку поради тоа што треба да го решаваат бидејќи 98% од градоначалниците се од редовите на ДПМНЕ. 
 
 
            

Горан Белевски 

Член на Централен одбор на СДММ

Тешки удари врз Македонија и Македонија

by urednik 25.07.2011 07:51:00

Изминатиов период Република Македонија ја погоди силен топлотен удар, кој предизвика пеколни горештини, кој на граѓаните им ги отежна секојдневните активности. Но паралелно со оваа состојба Република Македонија ја погоди и еден друг потежок, политички удар, кој го загрози и отежна понатамошното нормално функционирање на целата држава. Ако првиот удар беше предизвикан од сонцето, што е и нормално за овој период од годината, предизвикувач на вториот удар беше Собранието на Република Македонија, поточно пратениците на самопрогласената „најпатриотска“ партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, се актуелизираа две прашања, поточно се донесоа два Закони кои се суштински и од есенцијално значење за македонскиот јазик и неговото стеснување во институционалната употреба кои се контрадикторни со тенденциите за градење вистинско функционално граѓанско општество. Се отвори нешто што не требаше да се отвара, а од друга страна се затвори нешто што ниту во најголемото лудило не требаше да биде затворено на ваков ригиден начин. Се отвори прашањето за проширување на оптегот за употреба на албанскиот јазик за именyвaнитe функционери од албанската етничка заедница кога се обраќаат во Собранието. Вака на најдиректен начин се скрши рамката на Охридскиот договор и сериозно се детонира Уставот на Република Македонија како комплементарен акт на Рамковниот договор. Со Рамковниот договор се уреди и употребата на албанскиот јазик таму каде што има реална потреба во Локалната самоуправа и во Собранието да го користат пратениците од албанската етничка заедница. Ако гаранција на овој договор во Охрид беа 4 најголеми
политички субјекти во државава заедно со два Меѓународни гаранти се поставува прашањето кој ќе биде гарантот на Договорот помеѓу Груевски и Ахмети? Дали амбициите на Ахмети се застанати тука и дали нема да се зголемат за поширока употреба во сите истанци на извршната власт, одговорот е јасен нема гаранција?

Со вториот закон под закрилата на автентично толкување на Законот за амнестија се затвара едно комплексно, сложено и многу емотивно прашање за хашките случаи. Амнестија е една нормална процедура во пост-конфликтни и пост-воени подрачја каде се постигнал компромисен мировен договор како што беше случајот со воениот конфликт во Македонија. Амнестијата претставува ослободување од колективна одговорност на директните учесници во борбените дејствија во конфликтот, но никаде ниту во правото, ниту во литературата, ниту пак во праксата не значи и ослободување од персонална одговорност на лица што вршеле злодела врз цивилното население. Со ваквото тивко и глувонемо затварање на ова прашање не се задоволува правдата на никој, ниту на Македонците, ниту на Албанците, а најмалку на оние врз кои биле направени злоделата и ѕверското изживување.

Ова наместо да претставува чин на релаксирање на односите во насока на заедничкиот соживот и иднина, ќе преставува чин што ќе генерира поголема нетрпеливост и зголемување на анимозитетите помеѓу Македонците и Албанците. Со заобиколувањето на судот и непроцесуирањето на овие случаи низ една нормална судска постапка се става голем товар врз грбот на двете најголеми заедници во Република Македонија. Македонскиот народ ќе носи чувство на инфериорност од сопствената држава, што некој го дал животот за нејзина одбрана, а Албанците ќе го носат товарот на колективна одговорност и вина за злосторствата направени од неколкумина припадници на нивната етничка заедница.

 


Мyxaмeд Apcлaни

член на Извршниот oдбoр
на OO на CДCM Maврoвo и Рocтyша

Парламентарни меници

by urednik 08.07.2011 09:27:00

Ако по утрото се познава каков ќе биде денот, ДПМНЕ уште во почетокот се заплетка во својата “пајажина” на измамата и сама си ја брка мувата од главата. Тоа ти се вика тоталитарен режим, преку платеното гласачко ливче, купи дел од народот, сега им става цена на своите пратеници преку меници од 300-600 илјади евра, демек толку вредел еден пратеник, сега барем ја знаеме цената на пратениците или ,пак, толку пари се даваа за време на изборите.

Чудно нешто се случува во власта, “тука лежи зајакот”, чим се плашиш, посебно Груевски, од своите пратеници, има нешто тајно и скриено. Дали можеби пратениците учествуваа или знаат за изборните платени ујдурми? И мора да се стават во кафез сите заедно да не избегаат оти ќе се открие најголемата изборна афера на столетието.

Значи ли тоа дека Груевски се плаши оти ќе остане сам и има грижа на совест?

На овие избори платеното гласачко ливче од ДПМНЕ беше како “златна акција” кое им го испорача на граѓаните и тие станаа акционери на државата. Но, скапото гласачко ливче е земање на слободата и достоинството на граѓаните.

Значи, на овие избори “еднократната парична помош” што ја даваше ДПМНЕ за гласови успеа.
Е, сега видовте ли како на изборите и понатаму ќе се практикува власта од страна на ДПМНЕ со платените гласачки ливчиња, со меници и понатаму со што ли уште не?

Каква демократија?! , ова ли ќе не одведе во Европа, срамота! 

Но, сите си ќутиме како да имаме салотејпт ставено на устите, а сите видовте и чувте што се случуваше на изборите.Но, верувајте ќе дојде денот, порано или подоцна, кога ќе се откријат овие работи и некои ќе одговараат!

Завршија изборите и власта почна да ги пушта извршните решенија за струја, вода, казни итн.
Сега што е на ред од оваа власт? Ќе си цути корупцијата со спомениците, ќе се затвараат и понатаму фирми и дуќани и народот се повеќе ќе осиромашува.

Па, најдобро за народот е да власта на ДПМНЕ покрај споменици, да низ цела Македонија по сите градови и села отвори народни кујни да има каде сиромашниот народ да јаде и ужива. 
 

Бранко Шемов

Кавадарци

Тековно оценет 4.6 од 5 посетители

  • Currently 4,6/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags:

Кога ситните проблеми се наезда, го изедуваат стеблото

by urednik 09.04.2011 14:05:00

Разочарувачките милионски суми платени од нашиот џеб - „сопствените средства на владата“ и нејзиното однесување како смртоносен вирус за Македонија ден за ден по ред се јавни и јасни, но некако, ние обичните граѓани сме преокупирани со ситните проблеми што истата таа влада ни ги наметнува и ни го расипува животот со триста несмасно составени хартивчиња-формуларчиња, заверки, трчања по институции со рокови, во спротивно - ни следуваат најразлични глоби.

Ги има многу, ми се прелеа чашата со Комисијата за верификација на фактите при „лустрирањето“ на пензионерите (до вчера): да си дадат изјава заверена на нотар (не е бесплатно), дека од 1944 не биле шпиони. Сепак, сакам да зборувам за некои други ситни проблеми, и сакам отворено да кажам што согледувам од она што би требало да се нарече нормална процедура за добивање на личен документ (извод, лична карта, државјанство, пасош) на еден обичен граѓанин од Република Македонија, бидејќи во текот на денот таа локација - зградата на МРТВ - понесува стотици и стотици видно незадоволни граѓани (веројатно би требало да додадам „на час“).

Уште пред да се влезе во зградата се забележува дека нешто не е во ред. Паркингот (кој се плаќа!) е редовно полн, а врие од паркирани автомобили од двете страни на (калдрмисаната!) улица полна со дупки, невозможна дури и за преминување пешки без да се свитка некој зглоб. Прв знак за неефикасност, „добредојде“-то на државата.

Внатре, пак, и само со 5-минутен престој во кој било дел од таа зграда, лесно се констатира дека обичниот човек се изгубува во еден неверојатно назаден систем на администрирање, кој никогаш не бил толку спротивен на интересите на обичниот граѓанин.

Не е само дека „општата клима“ таму е таква, лоша за обичниот граѓанин, туку тоа е дувло на нелогичности кои луѓето ги прават нервозни, агресивни едни кон други, а и без можност да го изразат незадоволството кон изворот на тоа зло. Заради последново, прилично сум убедена дека сите тие нелогични и неефикасни работи се прават многу, многу намерно: Генерирање на што поголемо незадоволство, за на крајот од денот да биде малку подмирено со некој „успех“ на нашите светли водачи. Со нормален ден, а ниеден не е таков во последниве 2 години за обичниот граѓанин, тие „успеси“ се всушост или глупави оправдувања, или лаги со куси нозе, или токму неуспеси.

Факт е дека за сите мои основни документи кои ги барав до пред 2000 (особено во 1993), системот беше едноставен, ефикасен, брз и точен. Не ми се веруваше кога сфатив дека сега, во 2011, таа служба како да се вратила во период кога компјутерите не постоеле! Не зборувам за оние електронски „гаџетчиња“ што ги користат кај пасошите скоро чаламски - за нас обичните граѓани тие ништо повеќе не придонесуваат за ефикасноста и точноста на постапката отколку обичното потпишување и отисок со мастило. Зборувам за прибирањето и пристапот кон податоците.

Како да сме паднати од Марс, па се преправаат како да не постои концепт за база на податоци (а камоли компјутерска) и инстантен пристап до податоците. Како божем навистина да се потребни 10 работни дена (или повеќе) за да се верификувало тоа парче хартија што го печатат. Нема шанси да дознаете дали ги имаат сите потребни документи или вие морате да доставите уште нешто. Ако немате среќа, ќе дознаете кога ќе ви ги бараат еден по еден документ, со секое одење, секоја седмица.

Навистина заостанато изгледа кога од шалтери со сите можни цифри, работат само цифрите 5 и 8, и тоа преоптоварено. Службеничката што ги прима барањата е само една и пука од нервоза. Се прашувам дали слушнале за online аплицирање и плаќање, нешто што светов надвор од Македонија одамна го има усвоено?

Оние два-тројца што се менуваат на шалтерот 8 за подигање на изводите (но секогаш е само еден од нив), ги имаат истенчено прстите од лижење вртејќи ги многуте изводи. Дали во МВР слушнале за подредување на тие хартии според некоја шема, клуч, правило? Зошто воопшто при аплицирање се дава она бедно пусулче само со датум, кога токму тоа може да содржи информација за лесно пребарување при подигање на саканиот документ?

Ги слушнав луѓето, тие бараат слободен ден од работа за да поднесат барање или да подигнат документ. Тоа е сосема оправдано, бидејќи оттаму можете брзо да излезете единствено ако се откажете и не правите ништо.

Посебна приказна е административната такса, според новиот закон. Наместо просто купување и лепење на таксена марка на документот, треба уплатување на уплатница. Автоматски, тоа значи дека треба да знаете некои цифри како да ја пополните уплатницата. Да не зборуваме за тоа колку долго морате да чекате ред во тамошната пошта или банка за да уплатите, или колкав пат да изодите до некоја банка/пошта со помалку турканица и пак да се вратите, или просто да одложите сè за друг ден. Зборувамe за имањето информација за податоците што треба да се пополнат на уплатницата.

А не е само административната такса, има многу типови на уплатувања - де за ваков или онаков пасош, де за лична карта, де за ваков или онаков извод, де за државјанство, де неколку типови за промена на презиме, а сигурно и некои други.

Никаде нема информација за податоците за да се пополни бараната уплатница. Наместо тоа, има некои чудни бедни прозорчиња на кои луѓето се туркаат за да платат за испечатена уплатница со потребните информации многу поскапо од бланко уплатница. Јас тоа би го нарекла монопол на тие што ги продаваат тие уплатници во внатрешноста на зградата. Дополнително, понижувачки малите шалтерчиња за продажба на печатени уплатници работат стравично бавно. Уште повеќе, намерно се остава хаосот на концептот „секој чека на 1 шалтер“, наместо ефикасниот „1 ред за повеќе шалтери“ како во нормалните земји кои мислат како да им угодат на граѓаните.

Во сличен контекст со тоталниот недостиг на информација за податоците од упалатниците, ситуацијата се комплицира и со тоа што нема информации кои документи и формулари е потребно да се поднесат за да се добие одреден личен документ од „пониска класа“, како изводите од матична книга од различни видови, државјанство или промена на презиме. Последново изгледа, според државава, е тотално непрепорачливо, освен ако немате некои вродени мазохистички тенденции.

Има и еден лажен наслов на шалтер, нешто како „прием на барања за извод за лица од други градови“. Многумина не знаејќи влегуваат во таа временска црна дупка. Излегуваат после случајно дознавање, некој добар сограѓанин ќе им укаже да се преместат на шалтер 5 штом ги забележи.

Се вработувале луѓе во администрацијата... Очигледно намерата е да се заглави граѓанинот со барање на уште повеќе хартии. Ефикасноста без ефикасни методи нема да се зголеми, туку напротив, со натрупување на неписмени полтрони на секој чекор ќе му се зацрни и заплетка животот на граѓанинот до бескрај.

Сите работи што ги спомнав овде секој ги гледа, како што можев да констатирам на лице место. Се надевам дека нема такви меѓу обичните граѓани што не гледаат што се случува, а се надевам и дека нема никој од нив што смета дека така како што е, така треба. Најмногу од сè, се надевам дека во однос на нереагирањето се работи само за најголемата доблест на Македонецот - трпеливоста, а не за очај, или не дај боже - страв. Ве повикувам да станеме нестрпливи кон оние што што ни наштетуваат, да реагираме кон штетниците како што реагираат сите нормални и напредни народи! И за ситните маки! За наше добро!

Emmanuelle Mimieux, антифашистка

Тековно оценет 3.8 од 12 посетители

  • Currently 3,833333/5 Stars.
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5

Tags: , , , , , , , , , , , , , , , , ,


" НАПОМЕНА: Блог статиите не секогаш го изразуваат официјалниот став на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и претставуваат лично мислење и став на нивните автори."

Powered by BlogEngine.NET 1.3.1.0
Theme by SDSM

Календар

<<  февруари 2012  >>
повтсрчепесане
303112345
6789101112
13141516171819
20212223242526
2728291234
567891011

Видете ги текстовите во голем календар

Автори

Страни

Најнови текстови

Најнови коментари

Клучни зборови

Категории

None


Download OPML file OPML