Деновиве читавме низ медиумите изјави од шефот на македонската дипломатија Антонио Милошовски за тоа дека грчката политика во однос на проблемот со името и интеграцијата на Балканот во ЕУ е чиста хипокризија. Се поставува прашањето што има лицемерно во политиката на Грција - тоа што си ги штити државните интереси, тоа што знае со каква меѓународна сила и поддршка располага?
Едноставно, не сакам да верувам дека Милошовски ги потценува граѓаните на Македонија со неговата изјава и дали министерот овде сака да ни укаже дека Грција е виновна со некаква си морална осуда дека станува збор за лицемерност - па, Ви се молам!
Зошто Милошоски, Груевски, па и Иванов не престанат да се однесува лицемерно? Зошто не се изјаснат што има поточно зад завесата, зошто државниот врв не излезе со став за позицијата на Македонија? Нели е хипокризија повеќе од три години да не го кажуваш (или да го немаш) државниот став за олку важно прашање?
Замислете колку чудно - САД го знае ставот на премиерот, ЕУ и Грција исто така, само македонскиот народ нема поим кој е ставот на нашиот премиер за решавање на спорот за името, а Милошоски ни зборува за хипокризија. Знаете што е хипокризија? Хипокризија е да не му кажеш на својот народ во кој правец одиш, хипокризија е да зборуваш за разумен компромис, хипокризија е да изјавуваш дека Македонија цело време е посветена на преговорите ама Грција е проблемот и најголема од се хипокризија е да не се изјасниш за својот став и на тој начин му оставиш и простор на граѓанинот да влезе во дебата. Зар не е хипокризија кога едноставно само ќе фрлиш вина некому и со користење на емоционализација од типот чепкање во идентитетот и јазикот на Македонецот ќе градиш рејтинг - е од ова дефинитивно не постои поголема хипокризија. Така, премиерот не е тесто што би го месел секој меѓународниот фактор ама во овој случај македонскиот народ е тестото месено со манипулација, пропаднати проекти, огромна невработеност, слаба економија и сиромаштија. Вие господа сте најголеми хипокрити бидејќи го скративте правото на граѓанинот да учествува во дебатата за името не знаејќи го вашиот став, треба за таква хипокризија да зборуваме.
Сфатете дека никој во Македонија не спори дека Грција работи против нас и не уценува со нашето членство во НАТО и во ЕУ. Сите сме гневни на таквиот однос. Но, само власта која народот ја избира, има мандат и начин како да ја смени ваквата позиција на Македонија и да ги подобри односите со Грција.
И на крај господине Милошовски, во македонскиот јазик има многу поубав збор од зборот хипокризија, а тоа е лицемерност, Ве молам следниот пат употребете го.
Ѓорѓи Георгиевски