Веќе подолго време Битола тоне во сивило кое што оваа власт го наметнува како да им е од корист Битола да го загуби својот сјај.
Текстот ќе го започнам со краток вовед бидејќи нажалост некои луѓе веќе подзаборавиле, можеби хипнотизирани од власта, која е вистинската слика за Битола.
Битола конзулски град,град на културата, спортот уметноста, културно економски центар на регионот. Град во кој од секогаш живееле луѓе со посебен шмек, космополити со посебен поглед за сегашноста и визија за иднината. Со Широк сокак по кој од секогаш поминувала европската мода.
Ова не е фалење и не се само празни зборови, вака изгледаше некогаш Битола, но нажалост оваа слика во последните неколку години добива други димензии.
Битола никогаш не била на пониско ниво од денес , шушкаат оние стари Битолчани, а и некои помлади кои власта не успеала да ги хипнотизира.
Ако пред само неколку години Битолскиот народен театар ги собираше сите награди по фестивалите до пред некој месец истиот тој театар се бореше за опстанок, продуцираше претстави кои беа тотални промашувања без никаков ентузијазам кај актерите и сето тоа само поради лошата политика на оваа власт.
Ако до пред неколку години спортските клубови во Битола водеа Европска битка на терените, денес истите тие клубови водат битка за опстанок во домашните лиги,битолските чкембари препознатливи по својот начин на навивање денес се само добро сеќавање за одличните времиња поминати на трибините и единствено што им преостанува е да се надеваат на подобри времиња.
Ако Битолскиот универзитет секогаш речиси и да беше рамо до рамо со скопскиот, денес е на последното место маргинализиран и заборавен.
Младите битолчани од секогаш биле ентузијасти полни со енергија младешки дух,предводници на своите генерации,денес тие се притиснати од ова бреме на невработеност и сета своја енергија ја насочуваат на погрешен начин притоа не гледајќи подобра варијанта за да променат нешто бидејќи не им се отстапува никаков простор за напредок.
Ако Битола од секогаш била економски центар на регионот денес во Битола едвај да преживуваат неколку фирми во кои нема место за сите битолчани.
А да ќе ја заборавев индустриската зона Жабени е барем на тоа поле сме рамо до рамо со Скопје и едната и другата зона се празни без никакви инвестиции во нив.
И ако продолжам вака да редам не знам дали ќе има крај и можеби ќе се изненадам и самиот себе до кој степен се извртила сликата за Битола. Од град на културата , Битола за жал се претвори во град во кој владее кичот, град во кој се изгубени моралните и етички вредности, град во кој како да се подзаборави на солидарноста, град во кој како се да се исполитизира и ако не си од владејачката партија како да не постоиш.
Оваа слика знам дека не му се допаѓа на никој, знам дека сите ги измачуваат истите проблеми но некако како да се плашат да го кажат своето мислење.
Денес по којзнае колку време Битолчани покажаа дека почнуваат да се будат, дека хипнозата како да престанала и дека се во што верувале и им прикажувале е лага.
Денес битолчани излегоа масовно на протест и ја покажаа својата солидарност кон едно семејство кое е жртва на политички измонтиран случај.
Денес битолчани се разбудија од еден сон, но дали требаше да се случи ваков нечовечки случај за тој сон да прекине, дали требаше едно типично македонско семејство како семејството Илиевски, кое чесно се бореше да преживее, да биде фрлено на колена и да моли за правда,за овај лош битолски сон да заврши.
Сепак Битола заслужува подобро и битолчани знаат да го побараат тоа, ако ова беше почеток Битола ќе си го врати вистинскиот сјај и во Битола ќе се живее достоинствено чесно и бес притисоци.
Никола Трајковски