Конечно. Конечно некој одлучи да признае, да ја изнесе вистината на виделина (која патем речено е „како шило“) дека Груевски пред три години во Букурешт замина со веќе прифатена промена на името на Република Македонија. И тоа признание не дојде од кого било, туку лично од неговиот најблизок соработник, министерот за надворешни Милошоски. Уредно, во форма на писмо до Генералниот Секретар на ОН или што би рекол нашиот народ „сега имаме доказ – црно на бело“ дека Република Македонија под водство на Груевски и ДПМНЕ веќе го имала прифатено предлогот „Република Македонија (Скопје)“.
Во писмото испратено до Генералниот секретар Бан Ки Мун, а кое е јавно достапно на интернет страницата на Организацијата на Обединетите нации како документ A/65/735-S/2011/76, министерот Милошоски вели: „Република Македонија прифати повеќе предлози на г-динот Нимиц како основа за решение, вклучувајќи го тука и предлогот од март 2008 ’Република Македонија (Скопје)’, кој Грција за жал го одби“.
Јасно како ден, цели три години после НАТО Самитот во Букурешт, Антонио Милошоски му напиша на Генералниот Секретар на ОН, а со тоа пред целата македонска јавност призна дека неговиот шеф Груевски прифатил промена на името, со име со географска одредница.
Да биде срамот поголем, она што Милошоски го призна преку писмо, Груевски со изјава безуспешно се обиде да го ублажи. Како тоа да не е ништо ново за јавноста, Груевски призна дека и пред Букурешт прифатил да го промени името, со таа разлика што наводно тоа било условено со распишување на референдум.
И по неколку пати внимателно препрочитување на писмото, Милошоски никаде не го споменува зборот референдум. И што да се додаде како коментар освен прашањето: Кого лажете господа од ВМРО ДПМНЕ?
Верувале или не, и ова не е се’. Во ова писмо Милошоски конечно призна дека име со географска одредница, не само што е прифатливо за Груевски, туку дека истото сега како Владин предлог го ставаат на маса во преговорите.
И сега кога конечно ги отворивте картите ќе ни одговори ли некој зошто Груевски и фамилијата пет години не држеа заробени во нивниот лажен патриотизам, не делеа на патриоти и предавници, свесно креираа меѓуетнички тензии како последниот на Скопското Кале, и на крај, како ништо да не се случило, признаа дека тајно прифатиле промена на името?
Господине Груевски, го потценивте сопствениот народ. Го пониживте и засрамивте. Пет години ја држевте државата во изолација продавајќи „пуфки“ од типот „името не го даваме“, „народот на референдум ќе одлучи за името“, „можеме и без ЕУ и НАТО“ за да на крај ни кажете „се шегувавме“ . Господине премиер, Македонија не е Ваша или своина на татко ви да си играте со неа како што сакате.
Во Македонија живее народ кој е сериозно загрижен за сопствената иднина и иднината на своите поколенија. Нашите граѓани се вистински патриоти и секогаш се грижат за тоа по кој пат чекори нашата држава – по вистинскиот, оној кој води кон евроатлантската интеграција и перспектива или, пак, кон „античкиот“ и лажно патриотскиот пат кој го промовираат Груевски и ВМРО ДПМНЕ.
Во Македонија живеат гладни, обесправени и излажани – луѓе жртви на наводната портокалова „Преродба“. Во Македонија владее гневот на граѓаните кој на изборите ќе ви се истури на глава и ќе ја порази портокаловата тетратка на измамата, криминалот и корупцијата.
Ви остана само уште една работа што би можела да претставува разумна опција за еден одговорен политичар со барем трошка чест и достоинство. Прифатете ги условите за одржување на слободни, фер и демократски избори. Погрижете се изборите да бидат навистина такви. Достоинствено прифатете го изборниот пораз и обидете се да се трансформирате во конструктивна опозиција на новата Влада на СДСМ која ќе ја врати Македонија на вистинскиот пат.
Не се плашете од поразот и не бегајте од регуларни, фер и слободни избори на кое знаете дека ќе победи СДСМ, а граѓаните во огромно мнозинство ќе гласаат против вас и ДПМНЕ.
Како беше тоа? „Вистината е како шило...“