Анализирајќи ја политичката култура на власта изразена преку официјалниот владин претставник за односи со јавноста, ми се потврдува впечатокот дека власта, секогаш кога е изненадена од прашања чиишто одговори ги нема однапред подготвено и не одат во прилог на “високиот рејтинг” игра на картата на “хумор и сатира” по секоја цена, потценувајќи го интелектуалниот капацитет на македонските граѓани и сериозноста на државните институции. Прибегнувањето кон давање на сатирично обоени “хумористични изјави” од страна на владин портпарол не е ништо друго, туку одраз на недоволни капацитетот на власта доследно и неселективно да ја промовира декларативната транспарентност и да одговара на прашања што и може секогаш да и се допаѓаат.
Владиниот претставник за односи со јавноста во напливот на емоции кога ќе му постават прашање чиишто одговор не го знае воведува еден нов принцип на комуникација во стилот “седи мадро да не бидеш модро” или “до таа лекција не сме стигнале”, што зборува за една пракса која спонтано го открива манирот на власта да негува политика на комуницирање кое сî повеќе наликува на периодот кој толку многу го критикуваат и осудуваат.
Во една од моите претходни анализи насловена како “Што остана од антикомунизмот?”, пишував за падот на комунизмот и растечкиот антикомунизмот кој многу често се употребува во денешниот политички вокабулар. Во тој текст беше ставен акцент на опасноста, жестоката антикомунистичка фразеологија да прерасне во јалова идеологија која ќе биде злоупотребена за оправдување на сопствената бруталност, идеологизација која во многу бивши социјалистички земји се покажа како добро средство за политичка пресметка со опонентите, прераснувајќи во антикомунистички биготизам и схематизам.
Антикомунизмот како идеолошки став имаше и своја продуктивна улога во првите години кога македонските граѓани решија да ја градат македонската парламентарна демократија, независноста, суверенитетот и меѓународниот кредибилитет, но тој беше втор елемент во тој процес, бидејќи првиот беше конститутивниот национализам. Во годините што следеа се направија чекори напред во раскинувањето со комунистичкото минато: отварање на тајните досиеа на службата за државна безбедност, денационализација за имотите на граѓаните, осуда на стрададателите за време на комунизмот и почест за борците за македонската кауза итн.
Завршувањето на овие процеси од една страна, и повторното враќање на антикомунизмот како реторика и како идеолошки став на власта, по 17 години парламентарна демократија која е пример на Балканот, започнува злоупотребата на антикомунизмот во дневно-политички цели и во дисквалификација на политичките опоненти, како мноу опасна политизација.
Како интелектуалец не ја прифаќам реториката на власта која себе си се промовира за единствен антикомунистички поборник, спремна да се справи со остатоците од комунизмот. Нема ништо лошо во обидот на власта да се претстави како ослободител од комунистите со тоа што ќе изгради меморијален центар и ќе го донесе Законот за лустрација, бидејќи проблемот е во нешто друго. Имено, во своите напори да го докаже својот антикомунистички дух, власта оди во онаа крајност за кој зборував во една од предходните анализи: се претвара во безкрупулозен политички дисквалификатор на политичките конкуренти т.н. “комунистички следбеници”; врши политичка пропаганда со цел политичките конкуренти т.н. “комунистички следбеници” да ги претстави како главни кочничари на “владините антикомунистички реформи кои национално ќе не разбудат”; го злоупотребува и манипулира со патриотското чувство на македонските граѓани, будејќи непријателско чувство во систем во кои живееле порано, за да им каже колку им било лошо и колку сега им е добро, се со цел да добие широка поддршка во својата пресметка со политичките конкуренти т.н. “комунистички следбеници”.
За волја на вистината средставата со коишто власта се справува со “комунистите” и со чувството што притоа го буди и го всадува во македонскиот граѓанин, навлегува во замките на антикомунизмот -антикомунистичкиот биготизам и схематизам- и ја потврди прочуената реченица на Васлав Хавел во периодот на лустрација дека, “полоши од комунистите се само антикомунистите”. Немам авторско право на оваа констатација, бидејќи потврда за ова добив многу поодамна во колумни на наши познати стручњаци и аналитичари, кои можеби не така јавно зборуваат за ова за кое пишувам отворено. Потврда за ова добив и од јавно искажаните зборови на еден поднат македонски адвокат (г-нот Тортевски) во емисијата “Чуму” кога кажа дека (парафразирам), “стравот завладеал помеѓу македонските граѓани… секој од секого се плашел…, само со страв може да се води држава…. и дека единствено оваа Влада добро го прави тоа.”
Луѓето што го живееле и живееле со комунизмот ќе се сетат дека основниот метод на комунистичкото владеење беше токму “сеењето страв помеѓу граѓаните”, “секој од секого да се плаши”, “масовното шпионирање”, “нокаутирање и прогон на полтичките опоненти” итн. За тие што не живееле во и со комунизмот, би им го препорачала да го погледаат не така стариот трагикомичен филм “Балкански шпиун”.
Она што сакам да го доближам како мој став во овој текст е тоа дека “антикомунистичката опсесија како средство за справување со политичките опоненти нî одвлегува од вистинските проблеми на современиот свет, наднационалните интереси и реалните потреби на граѓани изморени од идеологии”.
Свесна за тоа дека многумина нема да се сложат со горекажаното и дека, ќе добијам опозициски, во најмала рака комунистички епитет, го прифатив ризикот да го кажам својот став дека власта ја злоупотребува антикомунистичката идеологизација за дискредитација на партиската програма на својот најсериозен политички конкурент, а истовремено вршејќи пропаганда за својата политичка незаменливост и идеологизација која за жал не е вистински ВМРО-вска,
Власта во својата “антикомунистичка пропаганда” ги обвинува своите политички конкуренти дека, “нивната партија (СДСМ) како наследник на некогашната југословенска комунистичка партија не работи за интересите на Македонија и за македонската кауза”, и дека, “што поскоро мора од македонската политичка сцена да се искоренат закржлавените стари комунисти кои го кочат развојот на РМ”.
Би било добро кога ова тврдење нема свој контрапункт. Како контрапункт на ова тврдење, јас како македонски граѓанин и патриот го поставувам следното прашање: Дали власта т.е. ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја воскресне идејата за обединување на Македонија, бидејќи ако се сеќавам добро тоа е македонската кауза и идеологијата на вистинското ВМРО, за чиишто наследник се смета и именува владеачката ВМРО-ДПМНЕ?
Неблагодарно е на невлеземе во апсурдни аргументирања за тоа кој е кој, кој што и за кого работел. Во апсурдното дебатирање за апсолвирани прашање и во недостаток на политичка волја да не се будат зли духови од минатото, може да ни се случи да заскитаме по патот кој не се вика иднина. Во секоја политичка партија постојат поединци кои со своите ставови осцилираат околу оската на партиската идеологија, па затоа парламентарната демократија познава институти и механизми за канализирање на различните мислења: независни пратеници, фракции, левичари, десничари, центристи итн. Според мене би било добро, кога власта ќе престане со својата реторика да го вперува прстото само кон политичките неистомисленици, туку малку повеќе да поработи на својата политичка култура и толеранција, чиишто основен принцип е “учество во политичкото делување на подеднакво важни субјекти кои имаат право со силината на своите аргументи и останатите политички механизми да се изборат за своите ставови и интереси”.
Сатиричните надмудрување, стихијната пропаганда и антикомунистичка идеологија од типот “гледајте што прават тие, не гледајте што правиме ние”, ќе нî доведе во состојба во која кога ќе се свртиме околу нас и ќе видиме дека ја нема научната и критичната јавност, критичните медиуми, дека политичките неистомисленици се дисквалификувани и замолчени, дека власта сî си прави сама (?) и се фали со високи рејтинзи, кога сиромашните ќе станат уште посиромашни, а богатите уште побогати, нема да преостане ништо туку да си запеат: “Друже Грујо, ми ти се кунемо!”
Автор: Доц. д-р Фросина Т. Ременски