И покрај тоа што Предлог Законот за млади веќе е во собраниска процедура, сепак треба да се укаже на некои работи кои имаат суштинско значење.
Добро е тоа што ќе се донесе еден ваков закон кој ќе овозможи на институционално ниво да бидат артикулирани проблемите на младите и да бидат застапувани нивните интереси, меѓутоа, проблемот е во тоа што Законот за млади е премногу исполитизиран, сведен во "скутот" на власта -едноставно е "киднапиран" од политиката.
Со самото тоа што Владата именува дури 11 членови во Државниот Совет на млади, јасна е работата. Тоа ќе биде младинско тело под контрола на владеачката партија.
Младите кои членуваат во опозиционите партии како "поткатегорија" на младите, значително се маргинализирани во однос на учеството во тие институционалните младински организациии.
Поради тоа што сум директно инволвиран и доволно запознат (како Потпретседател на младинскиот Парламент во Кавадарци) со локалната младинска политика и локалните младински организации, ќе зборувам повеќе за локално ниво, поконкретно за Кавадарци, а истата ситуација, по принципот на домино-ефект се случува во цела Македонија.
Имено, целата постапка за избор на членови во Советите на млади на Општините се води крајно нетранспаренто. Како прво, членовите на Советот на млади на Општината ги избира Советот на Општината, а на предлог на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања во рамките на Локалната самоуправа, без предходно било какво мислење. Како може таа комисија да изврши селекција (на минимум 5 члена, зависно од бројот на жители на Општината) на пр. од вкупно 100 апликанти, без за тоа да се консултира со некој без интервју. Тоа е сосема доволен индикатор за следнава констатација-членовите се претходно селектирани, се разбира според принципот на политичка подобност.
Понатаму, кој ги предлага членовите на Советот на млади на Општината? Замислете, кандидатите од средношколците ги определуваат директорите на средните училишта (што е спротивно на Законот, а и на здравиот разум), наместо училишните совети, со изговор дека за таква постапка немале време.
И за крај, уште еден куриозитет. Во грото од Локалните младински стратегии (ЛМС) кои ги усвојуваат Советите на Општините, а врз чија основа треба да работат Советите на млади, не се детектираат најгорливите и реалните проблеми и решенија кои ги засегаат младите, туку некои спорадични проблемчиња, со еден збор се избегнува реалноста. Имено, невработеноста како најгорлив проблем со кој се соочуваат младите во некои ЛМС воопшто и не се споменува, најверојатно поради тоа што не сакаат да признаат дека е тоа најголем проблем, а уште помалку поради тоа што треба да го решаваат бидејќи 98% од градоначалниците се од редовите на ДПМНЕ.
Горан Белевски
Член на Централен одбор на СДММ