„Имаме сон за една поинаква Македонија, за Македонија препознатлива по нејзините квалитети и луѓе“ - квалитети што ги препознаваме кај премиерот Груевски со својата фалсификувана биографија, Васко Наумовски со своите претензии да биде професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Панде Лазаревски со станот во домот за постдипломци, со Кристина Рунчева која стана асистент на Правниот факултет додека е пратеник. „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, ама со партиска книшка.
„Македонија која знае има вештини и не сопира со образованието, имаме сон, а секој сон може да стане јаве ако се отсонува на вистинското место“ - Груевски најпосле стана магистер, а сонуваше во зградата на Владата од местото премиер, Рунчева си е асистент, а сонуваше од пратеничките клупи, Васко професор сонуваше од вицепремиерската фотелја, а Панде си рента државен стан...
Затоа “образувај се! „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ - па ако ги земеме овие луѓе за урнек, кои во моментов ни ја водат државава, испаѓа дека ги имаат погазено сите принципи во рекламниот спот за истоимената кампања. Кој кого лаже, кој ги урива сите системи на вредности (и тоа традиционални, општествени вредности)?
Замислете еден Милчо Манчевски, врвен режисер, сними спот за оваа кампања на Владата во кој говори дека во тоа време на филмската академија се запишувале само со врски, а денес имаме еклатантни примери почнувајќи од премиерот, па завршувајќи со неговите секретарки, од кои една од нив стана и асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први“. И Милчо го омаловажија со овој спот, ја срушија секоја верба во системот на вредности и на вреднувања. Хм... знаењето е сила, ама вмровската книшка е моќ, гробар на традиционалните општествени вредности и социјална сигурност во ова страшно време во нашата Македонија!
И на крај да си пресметаме дали оваа кампања влијаеше на зголемувањето на свеста на граѓаните за повисоко образование (ама не со фалсификување биографии) со: потрошени стотици илјади евра; фалсификување биографии (и тоа не кој било, туку премиерот); партиската книшка за подобар општествен, професионален статус; и уште многу други причини!
Димитар Мојсовски