Лекарите не се во подобра ситуација иако некому се чини така. Тие добија намалување на платите за 20% во 2006-та по изборите, па постепено зголемување на платата по 10% следните две години. Мал број од нив заработија илјадници евра, а за поголем број од нив не важи законот за дополнителна дејност и не можат да работат приватно во болницата каде што се редовно вработени (бидејќи не се занаетчии од други струки кои пак работат и дополнително во болниците каде се вработени). Минатогодишното пумпање на платите со концептот на бруто плата имаше дополнително горчлив вкус за лекарите и сетрите (кои бдеат во ноќите, саботите, неделите и за време на празниците борејќи се во тие часови со отворените рани, скршеници, гној, крв и сите заостанати неизлачени човечки излачевини и измет) - затоа што им се намалија платите за 20% по великодушниот потпис од нивниот синдикален лидер седнувајќи на преродбеничката фотеља и одземајќи им од сменската, ноќната и работата за време на празници и работата во сала. Имено, со овoј потпис и со урамниловката наречена коцепт на бруто плата сега соодносот кој по колективен договор треба да е 4,5:1 на спеијалист во однос на најниско платениот во здравството (осмоодделенец), сега е 2:1 што го немало ни во НР Кина во најголемиот излив на комунизмот и на концептот на исти стомаци кога соодносот на овие две групи со закон бил закован на 3:1!!! Да не анализираме овде како овој податок ќе се одрази на новите студенти пресно запишани на маалските факултети кои на МТВ осознаваат што е моќ и сила, а во реалноста ќе се соочат со двојно(!) поголема плата по 14 години повеќе школо (и давачки) од нивните слаби и немоќни врсници... Дали ќе ги продолжат студиите?
Анатомијата на докторската плата:
Велат дека сестрите земале 40000 денари, а лекарите 70000 денари плата, но не се спомнува дали ова е нето или бруто плата, затоа што, на пример, овие 70000 бруто се сведуваат на 44000 денари нето плата, каде влегуваат сите ставки: сменска работа, дежурства, работа за викенд и за празник, повик за итни случаи, функциски додатоци, минат труд... Или конкретно мојата маленкост спечалила минатиот месец 66166 денари бруто, од кои 4534 денари минат труд, за 48 часа ноќна работа 3297денари(?!), дежурство 48 часа, викенд и празник 9551 денари, за повик 1064 денари за 184 работни часа - редовни 41211 денари и функциски додаток (кој можеби ќе го немам по овој напис) 4855 денари, но сето ова е бруто, додека нето е 43337. Дополнително, секој месец го плаќам и чуварот на моите права - синдаклниот лидер со 260денари, вкупно кредити 320(?) исхрана на вработени 200 денари (љубезноста на работодавачот за тие 48 часа дежурства да ми даде два оброка по 100денари) и конечно да си однесам дома 42757 денари! Или во други победни месеци од 34000 до 37000 или пак основнта плата ми е околу 4000 евра за десет месеци траење под фондовскиот јорган, за разлика од 4000 евра за еден месец лаење во преродбеничко-медиумскиот скафандер!!!
Кога ја спомнуваме бројката на вработени во здравството од 21000, сметката на власта од горе споменатото изгледа од прилика вака: Дај ќе ги напумпаме платите на 21000 гласачи два пати по 10%, плус хранарина и патарина, па на 10% од нив ќе им скинеме 20% од плата, а и од хранарина и патарина и пак ќе ни останат 18900 гласачи!!!
Како до решение?
Ова е моето размислување како би требало да се решаваат проблемите, но и да им се ОБЈАСНИ НА ПАЦИНТИТЕ-ГЛАСАЧИ И НА ДОКТОРИТЕ-ГЛАСАЧИ ДЕКА СОЦИЈАЛИЗМОТ ЗАМИНА ВО ИСТОРИЈАТА СО ПРВИТЕ ПЛУРАЛНИ ИЗБОРИ И ДЕКА СЕКОЈ ТРЕБА да се грижи за своето здравје иако партиите на власт досега го одржуваа во живот социјализмот во секторот на здравството во секоја смисла!
Бидејќи сме по Устав социјална држава, истата таа од буџетот треба да ги алиментира основните превентивни мерки и основните лечебни мерки за целата популација, како и малигните болести, дијализа и слично, пред се од парите од акцизи за тутун, алкохол и нафтени деривати... Понатаму ФЗО да го алиментира останатиот дел од услугите, но и да се формира дополнителен фонд за оние кои имаат можност или сакаат дополнително да вложат во таков фонд. Така за нив ќе ги снема листите за чекање и ќе се прошири листата на услуги, а ќе се алиментира дополнителната дејност на докторите и нивните соработници како и алиментирање на болничките трошкови за тие осигуреници. Најважно можеби во овој процес би била напоредната итна дигитализација во здравството што би значело дигитална картичка на секој осигуреник, така што и здравствените работници и фондот би имале моментален увид како за профилот на дојдениот пациент, така и за услугите кои во моментот му се даваат на осигуреникот...
Што се однесува до инвестициите тие треба да продолжат! Каде и во колкава мерка, е треба да се мачи никој д измислува топла вода, туку да се видат стандардите за два милиони луѓе и лесно се доаѓа до потребите од капацитети и апаратура во здравството! Во овие одлуки не смее да влезе ниту концептот на Охридскиот договор ниту било какви локалпатриотски апетити!
И за крај:
Ако влезат параметрите на праведност за здравствените работници во таа приватизација, а со тоа и поголема ефикасност за пациентите, приватизацијата воопшто не е страшна. Всушност здравството е приватизирано, освен секундарното и терциерното здравство! Некои ги повикуваат „партиските курсаџии - новоиспилени менаџери од доктори“ кои се задолжувале да ни ги скратат платите за да се раздолжат? Па кутрите тие не учеа на курсот за директори како да се справат со медиумите т.е. Некои новинари бараат директорите да не се задолжуваат и ги бркаат за изјави зошто не купуваат повеќе лекови, потрошни материјали, нафта за греење, чаршави и душеци, да има за пациентите... Едноставно нема логика! Ако се задолжуваат за други виртуелни работи треба кривично да одговараат, а не казната да ја платат лекарите и пациентите! Влегувате во расчекор меѓу желбите (на пациентите и докторите) и можностите (на државата и докторите). Треба сите веднаш да излеземе од земјата на чудата можеби и преку единствениот излез како што Вие велите-приватизацијата. Јас и сега сум позагрижен од Вас за здравството но уште повеќе ќе се грижам за сите елементи во здравството за кои ќе одлучувам ако освен знаење вложувам и пари или акции за апаратура, лекови итн. Поголемата моќ ќе донесе и поголема одговорност или помала? Како беше?
Др. Димитар Стровјаноски
Дополнување: На ден 02.02.2010 година, само три дена по објавувањето на овој текст во неделникот „Сега“, авторот без никакво образложение е сменет од началничката функција во велешката болница.