Во Македонија дефинитивно се задуши секоја слободна мисла на обичниот граѓанин. Се водеа анкети и дебати за како да се уреди скопскиот плоштад, ама на градските власти не им е до тоа. Пробаа невладини организации да застанат против ваквите одлуки, и успеаја и референдумот да не им го овозможат, ги изманипулираа и нормално акцијата не успеа.
Додека цел свет гледа да најде излез од кризата што го зафати секој сектор, ние се занимаваме како да ги потрошиме и така позајмените пари. Во наредните две години Скопје ќе ни биде раскопано! Искрено, нема да кажам ни за ни против, но се додека не се слуша мислењето на народот нема да бидам рамнодушна на ваквите власти.
Најнова вест е што покрај лиените статуи ќе имаме и калдрма повторно. Кој ги смислува само овие генијални идеи во време на економска криза стварно не знам. До пред некоја година се трудевме да го изградиме плоштадот во помодерен по софистициран и го направивме многу поубав. Колку пари има скопската каса, за да се расфрла со такви нови проекти кои никако не се нови. Зошто Коце Трајановски и неговата администрација не размислуваат на пример како со нови содржини да го збогатат и разиграат градскиот плоштад?
Сите ние граѓаните укажуваме деноноќно дека ваквата антиквизација не води само надолу, ни носи само штети кои нема после како да ги надоместиме. Само што изгледа нема доволно уши да се слушне ни народот што сака, ниту што експерти што советуваат. На прашањето до нашиот градоначалник , зошто повторно коцка на плоштадот имаме одговор дека земал идеја од Париз. Нам ама баш се ни е уредено по теркот на парискиот плоштад па само калдрмата ни остана ненаправена. Улица Македонија личи на Шанзелизе, а Александар Македонски ќе и парира на Ајфелова кула и сега со калдрмата се ќе уредиме.
По некоја година ќе ни дојде нов градоначалник, на кој може нема да му се допаѓа Скопје и што ќе прави, ќе ја извади калдрмата? Каков имиџ гради овој град, ако не сме сите единствени во идејата за модерен и убав град? А до кога ќе се чека да се закрпат раскопаните улици, до кога ќе личи Скопје на една неуредена депонија? Може нашиот градоначалник се има инспирирано од старата изрека „што ќе правиме со парите - Калдрма“.
Благица Талевска