Кога е „Скопје 2014“ во прашање, на криминалот му нема крај. Ова е истовремено и најголемиот, најкриминалниот и најзабеганиот проект на Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Изродбата во 100 чекори се претвори во „Криминал во милион чекори“, кој од кој поголем, на патот кон конечната економска пропаст на Република Македонија.
Малку беа 200 милиони криминал вложен во бронза, восочни фигури, споменици и музеи, а сето тоа во услови на светска економска криза, кога секој трет македонски граѓанин е сиромашен, луѓе умираат по болничките ходници, училишните кровови прокиснуваат, а патиштата ни се дупка до дупка. Не беа доволни ни сите останати криминали со хотели, картици, медицинска опрема, учебници и што уште не. Ништо не беше доволно за оваа ненаситна арамиска власт, тие мораа да ја фатат метлата во раце.
Внимавајте, тоа не е само една обична метла, тоа е „Патриотската метла“ - патент на Никола Груевски и неговата фамилија. Тоа е специјална метла за чистење на тендерска документација за најзабеганите проекти на светот, оние од типот на „Скопје 2014“. Истовремено чисти и уништува тендерска документација и разни други видови на документи кои тежат повеќе милиони евра и воедно претставуваат материјални докази за тоа кој треба да заврши во затвор или пред историскиот ѕид на срамот и јавното понижување.
Документацијата исчезнува мистериозно, далеку од очите на јавноста и сосема нормално (ама само за ВМРО ДПМНЕ), никој не одговара за тоа. Еве на пример за „Скопје 2014“ под мистериозни околности исчезнува тендерска документација за најмалку 14 проекти. Понуди, конкурсни трудови, други клучни документи за вредноста на тендерите, ништо не останува после „патриотската метла“.
Со ова господата од ВМРО ДПМНЕ го надградуваат и прошируваат и онака рекордно големиот криминал. Трагедијата да биде поголема, најбрутално и најпроѕирно се обидуваат еден криминал да го сокријат со друг, уште поголем и поочигледен криминал.
Доказ дека ситуацијата не е ни малку наивна, е и самиот факт што за исчезнувањето на оваа документација се молчи најмалку три месеци. Како тргнало, од ова може да излезе мега афера која во некоја нормална западноевропска држава би предизвикала паѓање на Владата или најмалку оставка на неколку владини министри. Во Македонија, а посебно со ВМРО ДПМНЕ на власт, мала е веројатноста дека некој ќе чувствува срам и одговорност за скандал од ваков тип, барем додека ВМРО ДПМНЕ е на власт.
Во оваа држава народот е тој што треба, со пенкалото во рака, на избирачкото ливче да заокружи што сака, освен ВМРО ДПМНЕ, а изборите треба да се случат веднаш. Колку поскоро, толку подобро. Метлата го чисти теренот за изборите или малку попрецизно Груевски и фамилијата која раководи со ВМРО ДПМНЕ се подготвуваат за изборен пораз, а никој од нив не е подготвен да „свири на клавир“ во Идризово. Патриотското метење на владиниот криминал од оваа перспектива делува како исплатлива „инвестиција“ за оние што си ги извалкале рацете.
Како и да е, народот гледа и што е најбитно од се’ – не заборава. Кој и да јава на „патриотската метла“ можеме да му порачаме само едно – Македонија памти и никој нема да помине неказнето.