Толкава тврдоглавост сигурна сум дека во историјата на политиката се уште не е забележана. Игри по медиуми, манипулации со реклами или, накратко кажано, играње со мислењето и со убедувањето на народот. Три години вестите на сите медиуми се исти, изјава дава премиерот, а зад него како хористи застанати министри или пратеници . И секогаш хорот пее така како што диригира диригентот. Таква слика и прилика човек може само да посака. Се ќе е убаво, ама да не знаевте со време дека на секое прашање имаме и вртоглав одговор . Секој одговор се врти, сучи, никогаш конкретен или пристоен. Само лажги и празни ветувања. И кога ќе сакате навечер да се одморите од политичките манипулации по медиумите, место филм, ќе го начекате премиерот во некоја од лејт најт емисиите. Два-три часа муабети, за тоа колку се цвета во Македонија. Договорени прашања со одговори научени напамет. Секој разумен би го нарекол евтина политичка пропаганда . Уште по сомнителна станува емисијата кога ќе ја почувствувате близината со водителот, кој на премиерот му се обраќа со „Ти“! Која „интима“ се крие зад тие шоуа? На која бранова должина може да биде тоа интервју премиер на држава со новинар или водител? Веќе секој може да забележи на која релација е премиерот со медиумите. Постојаното појавување само кај точно одредени медиумски куќи за секој би станало сомнително. Плашењето од телевизиско соочување, вештото избегнување на политичка дебата на која народот ќе може реално да ги почувствува силите на едни со други, за него не доаѓа предвид. Се повеќе се чувствува дека се задушува демократичноста и на медиумите. Дури и самиот премиер ќе даде изјава дека постојат и опозициски медиуми (?!), а се гледа дека и самиот од страв не сака да оди на покани за интервјуа кај одредени телевизиски куќи како и пишани медиуми што го чекаат со години. Го сметам за несоодветно ваквото изјаснување на вториот човек во државата, кој не смее ниту да прави поделби меѓу медиумите туку, напротив, да ја покаже демократичноста и подготвеноста да одговори на сите прашања. Бегањето од одговорност не му носи поени никако, напротив, се создава само револт кај новинарите, кои, секако, нема да молчат на ваквиот однос.
Кратките известувања на телевизиите, кратките несочни одговори и кратките интервјуа за обичниот гледач повторно не значат ништо. Ние како народ не сме гласале за него за да не знаеме кој ни е ставот за многу прашања. Се докажа практиката од се што кажува премиерот, наскоро ни се остварува токму спротивното . Се уште е незамислива ситуацијата да го видиме Никола Груевски или некој висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ со некој експерт да одржи некоја емисија, па да се поделат некои мислења, да се соочи со неговите грешки или исполнувања. За него постојат само „експерти“ што вешто се кријат зад и стојат на страна само да ја водат владината пропаганда. Никогаш до сега нема ни потврдено присуство на некое дебатно шоу со некој од СДСМ, со некој професор. До кога ќе се крие премиерот од соочувањето со медиумите, и до кога ќе му должи на овој народ одговори на многу прашања, останува да видиме. Но, јасно нека слушне и нека знае дека за нас граѓаните таквото однесување е неприфатливо и крајно понижувачко.
Јасмина Петровска