Повеќе од 50.000 граѓани вчера покажаа каква е вистинската Македонија! И јас бев дел од таа Македонија. Пропуштив добар фудбал и накиснав, ама во ниту еден момент не се покајав. Вчера ја видов онаа вистинската, осиромашената, опустошената и понижената Македонија на едно место. Онаа Македонија која, како никогаш до сега, храбро и решително одлучи да го крене својот глас против Никола Груевски и неговата издишана популистичка политика.
Македонскиот народ вчера го победи стравот. Овој народ вчера одлучи да стави крај на заканите, заплашувањата, поделбите и сиромаштијата. Овој народ покажа дека не може и не сака да продолжи да ги трпи лагите, понижувањата, и потценувањето на здравиот разум.
Груевски и неговата пропагандна машинерија платена со наши пари, цели 4 години, со кампањи, реклами и спотови се обидуваа да ни наметнат виртуелна стварност и не успееаа во тоа. Вчера Македонија ја победи лагата. Повеќе од 50 илјади најхрабри и најодлучни решија да се соочат со реалноста. Повеќе од 50 илјади покажаа дека повеќе ништо не може да ги уплаши. Повеќе од 50 илјади граѓани покажаа дека се подготвени да ја отфрлат погубната политика на кавги и поделби.
Соочен со порази и неуспеси на сите полиња, Груевски одлучи да ја продава веќе видената и многу пати повторувана приказна за „Патриоти и предавници“. Оваа приказна никогаш и никому не донела ништо добро. Оваа приказна не може да има среќен крај. Тоа беше многу пати до сега потврдено кај нашите соседни држави. Тој концепт неминовно води кон меѓународна изолација и длабоки внатрешни конфронтации. Тоа е стратегија која Македонија ја става во улога на жртва, а македонскиот народ води кон самосожалување и пораз. Тоа е Македонија заглавена во историјата, без визија за утрешнината.
Македонија вчера покажа дека наместо само кон минатото, знае да се сврти и кон иднината затоа што тоа е обврска и одговорност на секој граѓанин. Во Македонија не живее каков-таков народ. Македонија не е држава на восочни фигури. Македонија е држава на реални, живи луѓе со реални проблеми и реални потреби.
Реалната Македонија со разорена економија, со пропаднати фирми, со осамени и изгладнети граѓани излезе на улица, пред Влада и јасно и гласно му порача на Груевски дека брзо ќе дојде денот кога тој и неговата криминална дружина ќе одговараат пред народот, ама и пред законот.
Граѓаните на Македонија вчера покажаа дека паметат и една друга Македонија. Македонија која забрзано одеше на патот кон Европа и НАТО, Македонија која инвестираше во патишта, хидроенергетски потенцијал, болници и училишта, наместо во восочни фигури и споменици. Македонија со визија за повеќе наредни генерации, наместо заглавена во античкото минато.
Македонија вчера ја започна големата битка за предвремени парламентарни избори по Самитот на НАТО во ноември. Без разлика на исходот од Самитот, без разлика дали преговорите со Грција ќе завршат успешно или не, граѓаните демократски и легитимно ќе одлучат за каква Македонија и за каква иднина се.
Напред Македонијо, ние сме со тебе!