Не можев да издржам, а да не напишам нешто по објавувањето на записникот од онаа проклета 161-ва седница на Владата. Ако е и од Груевски, многу е. Можете ли да замислите, дечкото и неговата дружина на седница на Влада заклучиле дека најдоцна до 1-ви септември сите привремени вработувања треба да се трансформираат во трајни вработувања на неопределено време.
Тоа во превод значи дека, и покрај превработеноста на јавната администрација, во сред економска криза, околу 30 илјади партиски војничиња на ВМРО ДПМНЕ ќе добијат награда - решение за трајно вработување на трошок на сите граѓани на Република Македонија. Овие партиски потрчковци, за лепењето на плакати за нивната партија, од 1-ви октомври ќе започнат да примаат плата на трошок на државата и тоа ќе им биде загарантирано со договор за работа на неопределено време. Какво образование? Каква сила? Каква моќ? За Груевски доволни се само портокаловата партиска книшка и по некој роднина или пријател во раководството на неговата портокалова партија.
Дрскоста да биде поголема, Груевски за оваа „операција“ (веројатно во пресрет на изборите на кои планира да изгуби) ги задолжил Ставрески кој парите за овие вработувања треба да ги обезбеди со ребалансот на Буџет, и вицепремиерот за европски прашања Васко Наумовски, кој е најповикан да се грижи за департизација на државната администрација. Значи едниот за оваа расипништво треба да скрати средства од фирмите, капиталните инвестиции и директно од џебот на граѓаните, а другиот треба да го прави токму спротивното од она за кое сите ние го плаќаме.
Замислете, со ова на грбот на осиромашените граѓани и банкротираните фирми Груевски ќе натовари 30-тина илјади партиски војници на ВМРО ДПМНЕ. Или, како што вели онаа Владината кампања, „Образованието е сила и моќ“, ама само ако сте членови на ВМРО ДПМНЕ и роднини на нивните функционери.
На овој начин Груевски им залепи силна шлаканица на армијата невработени граѓани, на прегладнетите стечајци, на обесправените професионални војници, на фирмите кои секојдневно се борат да ја пребродат економската криза. На сите овие граѓани на нашата заедничка татковина Македонија Груевски им порача: не чекајте вработување, решавање на Вашиот статус, не чекајте пари од државата, тие и понатаму ќе се трошат на споменици, реклами, купување на возила и други луксузи.
За ова ли учевме? За ова ли се боревме сите овие години сакајќи да изградиме стабилна независна држава во која ќе се цени и образованието и трудот? Најпосле, за татковината ли се работи г-дине Груевски? Или се работи за нешто друго?
Мила Ристовска