Не можам и никогаш не сум можел да го разберам тој кукавичлук промовиран од „нашиот“ премиер кога било во прашање неговото соочување со јавноста и со реалноста. Транспарентноста што толку многу е трубена во скоро секое поглавје од Преродбата, и онаа првата и онаа надградената, изгледа ја разбираат сите во ВМРО-ДПМНЕ освен премиерот и неговите министри. Отчет пред јавноста не се дава со монтирани прашања од страна на навивачки расположени водители или на партиски трибини.
Премиерот на една држава е премиер на сите и има одговорност да даде отчет за својата работа пред секој граѓанин. Некои прашања можат да бидат и непријатни, некои прашања можат и да предизвикаат руменило од срам на неговото лице, ама за одговорен премиер нема и не смее да има прашање што тој неможе да го одговори. Ако земеме дека во секоја демократска држава непријатните прашања ги поставуваат или новинарите или опозицијата или, поретко, незадоволните граѓани во директен контакт со политичарите, тогаш на одговорен претставник на власта треба да му биде предизвик да се соочи со истите. Негова должност е, доколку работи исправно, да ја издржи негативната критика и да ги убеди неистомислениците во спротивното. Негова одговорност е, доколку греши, или да го поправи однесувањето или да си поднесе оставка.
Она што во демократска држава ниту еден премиер не смее да го помисли е да бега од соочување со реалноста преку соочувањето со јавноста. Ако бега од неговиот политички непријател, тогаш сте помислиле ли како ќе реагира кога ќе ја нападнат државата? Ветојатно не. Страшно е да се помисли на тоа.
Наместо да даде отчет за тоа што го работи и тоа што планира да го сработи, тој се бави со минатото. Се бави само со минатото од античко време, па се до времето пред тој да дојде на власт. Себе си се споредува со Големиот Александар Македонски, а плука по сé што е направено во државата од 1945-та до 2006-та пред тој да стане премиер. Сака да поминува низ триумфални капии во центарот на Скопје без ниту една политичка победа. Го одложува решавањето на проблемот со името, тука се крие позади народот со некаков си референдум со прашање кое на никого до овој момент не му е познато.
Го одложува соочувањето со опозицијата криејќи се зад енормно скапите ТВ реклами, зад разни Миленковци, Јанковци, зад оние скромни партиски војничиња на ДПМНЕ кои му веруваат и се собираат пред седиштето на СДСМ носејќи крави, телиња, расипани патлиџани и јајца како тајно оружје кое не го употребиле никогаш до сега, дури ни кога Црвенковски беше премиер. Во нивно име изјави дава некоја си бивша стечајка, сега сопственик на шпедиција и некоја женичка со картон во болницата за душевни болест во Бардовци.
Господине Груевски, ако сте чесен и одговорен, нема од што да се плашите. Соочете се со реалноста. Излезете на ТВ дуел со лидерот на опозицијата Црвенковски и сите пораки што му ги праќате преку овие партиски војничиња, или „жртви на транзицијата“ како што Вие ги нарекувате, пренесете му ги лично. Кажете му лично, очи во очи, како што тоа го прави секој маж, секаде во светот. Дискутирајте, разговарајте и расчистете меѓу себе како двајца одговорни лидери на одговорни политички партии. Нека Ве види народот и нека процени кому треба да верува и кому треба да ја даде довербата. Народот тоа секогаш најдобро го правел, се надевам ќе се согласите.