Живееме во време кога медиумите се преплавени со теми иницирани од власта што треба да ни ја заменат реалноста, опис на просперитет и добра иднина, но вистинската состојба ни оддалеку не е така розова. Сепак, деновиве слушнав една интересна вест која сакам да ја поздравам. Имено, станува збор за најавата на лидерот на опозицијата, Бранко Црвенковски за создавање на широк опозициски фронт. Навистина се надевам дека со овој чекор СДСМ ќе успее да формира конкурент на актуелната власт, да влијае на мислењето и однесувањето на власта кон државата и кон народот, да отвори некаква поинаква перспектива.
Нема здрава демократија без јасна и силна опозиција. Тоа и е потребно и на Македонија за да може да функционира како вистинско демократско општество. Затоа и најдемократските земји во светот секогаш имаат баланс на политичките партии и слободни и непартиски медиуми кои ги одржуваат силите во рамнотежа, да бидат изедначени и да се следат во чекор. ВМРО-ДПМНЕ, веќе станува јасно дека од доаѓањето на власт во 2006 година, па досега, форсира партизација на државата од огромни размери, која најголем дел од својата победа ја базира врз патриотизмот, популизмот и нетранспарентното трошење пари, по цена на прогресот и на целосна манипулација на народот, а со тоа и добива углед на недемократска партија. Силна опозиција е одлична работа за државата и за граѓаните, а ја држи и власта на штрек да не се олабави премногу.
Искрено, како граѓанин што гласаше за ВМРО-ДПМНЕ на минатите избори, да ја слушнев веста за консолидација на опозицијата пред некоја година и немаше вака да се израдувам, но од ден во ден сум се поубеден во тоа дека политиката на владава е лоша за нашава држава. Откако ги донесовме на власт, Груевски и неговата гарнитура се однесуваа како ослободители на народот, а денес веќе се покажува и како автократски владетел кој ужива во апсолутистичката власт. Ни ветуваа ЕУ и НАТО, ни ветуваа преродба, економски бум, вработувања, излез од бедата а ние им верувавме. . . Каде се резултатите? За каков економски бум зборувавте кога денес народов леб нема да јаде? Мислев дека гласам за партија што ќе не однесе во НАТО и ЕУ, а не за партија што ќе не испокара со пола свет и ќе ги замре какви - тактиве дипломатски односи. Ви дадовме целосна поддршка каква што немала ниту една партија до сега, а за возврат не направивте заложници на една лоша и дефинитивно антимакедонска политика.
Мислам дека тоа е она што во моментов и треба на Македонија, обединета опозиција која ќе има капацитет да биде коректор на власта и движечка сила во градењето на демократскиот капацитет на државата. Апсолутната власт, долгорочно, е најсериозната опасност за една држава во однос на демократските процеси. Но, на секоја влада и треба силна опозиција за таа да биде чесна и да работи за доброто на народот.
Даниел Николовски