„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со изградба на современ модел на полициска организација преку воведување на нови методи на работа на полицијата, јакнење на принципот на владеење на правото и промовирање на заштитата и почитувањето на фундаменталните човекови слободи и права“ – ова е запишано на страна 137 од преродбата во 100 чекори – надградена и проширена со која ВМРО ДПМНЕ победи на парламентарните избори. По четири откако ВМРО ДПМНЕ ја превзема Власта или ако сакате вкупно осум години како Груевски е власт во Република Македонија, ајде да видиме каква е ситуацијата денес.
Имавме „инцидент во Собранието“ според едни, а според други упад на извршната во законодавната власт или обид за инсталирање на полициска држава раководена од Груевски и уплашената фамилија на ВМРО ДПМНЕ. Што навистина се случи? На ова прашање, според правилата и прописите, одговор треба да даде анкетна комисија, а фактите кои таа комисија (доколку се формира) ќе ги постави на маса се следните:
Прво, во Република Македонија постои Закон за Собрание чиј член 43 многу јасно вели: „Одржувањето на редот во зградата на Собранието и во просториите во кои работи Собранието го обезбедува посебна служба. Лицата од посебната служба за одржување на редот во зградата на Собранието на истакнато место на облеката носи обележје на Собранието на Република Македонија.“. Понатаму истиот овој член продолжува: „Овластените службени лица на органите на државната управа не можат без одобрение од претседателот на Собранието да имаат пристап во просториите од ставот (1) на овој член “. Дополнително истиот овој член вели: „Носење оружје во зградата на Собранието не е дозволено, освен за лицата овластени за одржување на редот во зградата на Собранието“.
Второ, ставот 4 од Членот 43 на Законот за Собрание недвосмислено пропишува: „За одговорноста за нарушување на редот во Собранието од страна на пратениците и надворешни лица кои учествуваат во работата на Собранието одлучува и донесува мерки претседателот на Собранието по претходна консултација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.“ што во превод значи дека претседателот на Собранието, по претходна координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, може да побара и дополнително засилување на обезбедувањето, но само кога околностите тоа ќе го побараат.
Трето, според официјалните снимки на безбедносните камери поставени во Собранието и сведочењата на присутните пратеници, тој ден пред канцеларијата на координаторот на пратеничката група на СДСМ патролираа (1) неуниформирани лица, (2) без легитимација, (3) наоружани до заби, кои (4) ги снимаа пратениците од редовите на опозицијата додека разговараа со присутните претставници на стечајците во врска со решавањето на нивните барања.
Заради фактот што во Собранието се појавија овие „сомнителни“ лица кои вршеа „сомнителни“ активности, а притоа никој од надлежните не беше за ништо информиран следуваше барање од страна на пратеничката група на СДСМ, за разрешување на претседателот на Собранието. За таа цел беше свикана Собраниска седница на која, по расправата, мнозинството одлучи да не го разреши Вељаноски од функцијата.
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ на оваа расправа не изустија ниту еден збор во одбрана на Вељаноски, ама затоа во нивниот препознатлив стил изнесоа илјадници лични дисквалификации и небулозни обвинувања за насилство извршено врз неуниформираното лице. Одамна претворено во гласачка машинерија на Груевски и ВМРО ДПМНЕ, барајќи одговорност кај сите освен кај Вељаноски, владејачкото мнозинството на пратеници изгласа дека претседателот на Собранието може слободно да продолжи да си ја извршува својата функција онака како што тој си знае и умее.
За јавноста останаа неодговорени следните прашања:
1. Кој дозволи влегување на вооружени, неуниформирани лица без легитимација во просториите на Собранието на Република Македонија?
2. Дали претседателот на Собранието бил информиран од страна на министерката Јанкуловска дека припадници на МВР ќе бидат присутни во собраниските простории?
3. Ако бил информиран, зошто не свикал координација со потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи?
4. Ако не бил информиран, дали ова не е школски пример на упад или пуч на извршната во законодавната власт во Република Македонија извршен по налог на Груевски и Јанкуловска?
Одговорите сеуште ги очекуваме.