Политиката на оваа влада стигна до дното! Политичките игри на ДПМНЕ продолжија, овој пат заедно со ДУИ преку едно срамно и погубно сценарио!
Со злоупотреба на чувствата на граѓаните, оживувајќи веќе заборавени болки и настани, ДПМНЕ и ДУИ се обидоа повторно да заиграат на картата на национализмот. Со ова станува јасно дека кампањата на следните избори, ДПМНЕ повторно ќе ја води на истиот принцип на национализам и билдање на националните чувства на граѓаните со нереални очекувања и погубни политики. Ова многу јасно,само по себе доаѓа,по економскиот дебакл на владата во 5 годишниот мандат! Немајќи што друго да понудат, и не можејќи да ги побијат сите можни обвинувања за лошата политика на секој план,ваков настан успешно овозможи да се тргне фокусот и да се насочи кон овој настан.
Играње со оган! Ова е најблагата констатација за постапките на оваа Влада и режијата на овој настан. Дека настанот е целосна режија во комбинација со користење на наивноста на претежно малолетници, кои во случајов станаа колатерална штета на желбата за власт на ДПМНЕ покажуваат неколку факти.
Прво, самата постапка за градба на објектот на Кале не може да помине не забележано и без знаење на ДУИ,зошто се активни членови во владата и ги гласаат и одобруваат средствата за сите објекти на Владата, а тој е објект е токму тоа, Владин проект!
Второ, престанок на градење, со истовремено продолжување на градењето ноќе e срамен чин. Доколку ДПМНЕ е сигурна во исправноста на проектот, и во исто време, силен и непоколеблив чувар на Македонските интереси, градбата нека продолжеше дење!
Трето, насилно рушење на државен проект,па каков и да е тој, со учество на претставници на владата, тројца министри, без притоа да има значајни и гласни реакции,и барање на одговорност,скандал сам по себе! Недозволиво е рушење на државни објекти од оние кои што треба да ги бранат и чуваат, при тоа сето тоа да помине незабележано и неказнето!
Четврто, скандалозно однесување на полицијата,која и самата во овој случај не знае како да се однесува! ЕБР иако присутна, се вклучи во делењето на двете групи дури откако протече крв на двете страни! Доколку сакаа да ги извлечат едните кои беа на Калето, ќе направеа кордон од кои ќе не можеше камен да пролета,а не да дојде до физички контакт,впрочем тие тоа најдобро го знаат,имаат обезбедувано безброј натпревари, протести и други настани со големи маси на луѓе, во споредба со кои, овие групи изгледаат смешно!
И петто, уште една причина за одговорност од раководството на МВР,министерката и заменик-министерот,ослободување на притворени од страна на заменик министерот,нешто што го доведува во прашање целосното функционирање на институциите и не доведува до ситуација да се запрашаме дали ова не значи целосна хаварија на државните институции и државата,кога никој повеќе не знае од кого прима наредби и кога претставниците на владината коалиција се најдоа на две спротивставени страни,кршејќи ги сите закони и правниот поредок на државата.
Разгорувајќи одамна надминати проблеми како што се меѓуетничките,предизвикува несогледлива штета и далекусежни последици за државава и внатрешните односи во целина.
Социлните мрежи се преплавени со тешки навреди и закани од двете страни, вовлекувајќи во кругот голем број малолетници,кои оваа вештачки наметната нетрпеливост утре може да ја претворат во училишни проблеми, во проблеми и во другите градови.
Уште сега на социјалните мрежи се договара средба за наредната сабота... кругот на национализмот е опасен,тој круг се шири и го зафаќа секој сегмент од општеството. Политички неодговорно, државнички незрелото однесување на Владата и политичките партии кои земаат учество во неа,придонесува за една состојба која лесно може да излезе од контрола, а тоа не смееме да дозволиме да се случи!
Се надевам дека граѓаните ќе ги препознаат обидите за манипулација,и ке излезат позрели од оваа влада,и нема да подлегнат на тие манипулации,продолжувајќи да веруваат и да работат на тоа што го имаме и претставува наша иднина, мултикултурна и мултиетничка Македонија,и различности кои меѓусебно ги почитуваме,а се најголемото богатство на Македонија. Сакањето овие карактеристики да се претстават како проблем,може и е цел само на оние кои секогаш тоа го имале за цел,и кои не можат да ги остварат главните желби и потреби на сите граѓани, ЕУ, НАТО, економски просперитет и стабилност. Нормално, најлесниот начин сите да заборават на заедничките цели е вештачкото наметнување на посебни цели,поделбата... па нели, РАЗДЕЛИ ПА ВЛАДЕЈ.
Б.С.