5 години и 100 дена во изолација, сиромаштија и беда, тоа се двата најважани проекти што ни ги спроведе оваа власт до сега.
Така изолирани без влез во НАТО и ЕУ ќе се скапеме и умреме во сиромаштија и беда во оваа наша напатена Македонија и некаде во историјата ќе биде запишано дека заслугата за тоа ја имал владетелот кој од многу што го сакал народот му градел народни кујни, го носел на бањи, му купил автобуси и бесплатно го возел, му правел тениски игралишта за да учи да игра тенис, базени за да научат да пливат, а спомениците и црквите ќе му биде местото на народот каде духовно ќе се просветува и крсти за да не мисли на бедата и сиромаштијата.
Затоа власта си го скрои Буџетот и го зголеми за уште 150 милиони евра, па ќе земе кредит за уште 130 милиони евра и ќе тргне во нова офанзива во трошење на парите за се’ друго и провизии, ама не’ за народот.
Ете народе, таква е “преродбата” на оваа власт која раѓа нови “сиромашни чеда” и зема голем замав како стампедо кое тешко се запира.
За мерак е да живееш во оваа држава, ништо не ти треба одвише, што ќе ти е вработување, плата, одмор, Европа итн., тоа е луксуз за овој народ, туку тоа се благодети само за оваа власт.
Што да правиме, оваа власт така ни ја има земено мерката да не смееме ниту збор да писнеме оти нели ќе бидеме нарешени предавници и ќе не јаде мракот. Не ни треба Европа, тука се’ ни е таман, ништо не ни фали, си имаме за јадење и пиење, а демократија колку што сакаш почнувајќи од медиуми, судови итн.
Затоа власта кога сака си зема кредити, си зголемува Буџети, си казнува и си троши пари и си зема провизии. Знае дека сме мирен народ и си имаме други проблеми, нели? Само овде во Македонија власта се богати, а народот осиромашува и тоа власта се збогатува кога имаме 637 000 сиромашни луѓе или 32% од населението.
Дури пак власта спроведе закон за давање на бенифиции за раѓање на повеќе од 3 деца и замислете си во вакви услови на сиромаштија, кој е тој што ќе се дрзне да прави деца кога власта зема кредити и троши пари, а ќе ги задолжи тие новородени деца и ќе станат нови „сиромашни чеда” од преодбата.
Без влез во ЕУ и НАТО, со зголемувањето на буџети и земањето кредити оваа власт ќе продолжи да го осиромашува овој народ и ќе го задолжува и натаму ќе продолжи затворањето на фирмите, дуќаните и тоа ќе трае се’ додека оваа власт ја води државата.
Бранко Шемов